HomeАктуелноДенес се празнува наоѓање на главата на Свети Јован Крстител

Денес се празнува наоѓање на главата на Свети Јован Крстител

Великиот и славен Крстител Јован беше убиен по желба и наговор на злобната Иродијада, жената на царот Ирод. Откако му ја отсекоа главата, Иродијада нареди да не ја погребуваат заедно со телото, зашто се плашеше дека страшниот Пророк би можел некако да воскресне. Затоа ја зеде неговата глава и ја закопа на едно скриено и бесчесно место длабоко во земјата. Нејзината дворјанка Јоана, жената на Хуза, не можеше да трпи главата на Божјиот човек да остане на она бесчесно место, па тајно ја откопа, ја однесе во Јерусалим и ја закопа на Елеонската Гора. Не знаејќи за сето тоа, кога царот Ирод дозна дека Исус врши големи чуда, се уплаши и рече: „Тоа е Јован когошто јас го убив, стана од мртвите“ (Марко 6, 16). Подоцна, еден угледен богаташ поверува во Христа, ја остави својата позиција и суетата на светот и се замонаши, па како монах со името Инокентиј се насели на Елеонската Гора токму на она место каде што беше закопана главата на Свети Јован Крстител. Сакајќи да си соѕида келија, копаше длабоко и пронајде земјен сад и во него глава за којашто на таинствен начин му беше јавено дека е на Крстителот. Тој ја целива и ја закопа на истото место. По Божја Промисла оваа чудотворна глава подоцна одеше од рака на рака и понираше во мракот на заборавот па одново беше објавувана, додека најпосле во времето на благочестивата царица Теодора – мајка на Михаил а жена на царот Теофил – и во времето на патријархот Игнатиј, не беше пренесена во Цариград. Од главата на Светиот Предтеча се извршија многубројни чуда. Значајно и интересно е тоа што додека беше жив Свети Јован не изврши ниедно чудо (Марко 10, 41), а на неговите Свети мошти им се даде дар на чудотворство.

 

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.