HomeАктуелноАвгустовската матура почнува утре: Над 1.400 кандидати ќе полагаат екстерни испити

Августовската матура почнува утре: Над 1.400 кандидати ќе полагаат екстерни испити

Августовскиот рок за екстерните испити од матурата за кандидатите кои во јуни не ја положија или не во целост ќе биде спроведен утре и на 14 август, со почеток во 9 часот.  Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), во август за државна матура се пријавени 1 328 ученици, за стручна матура 126 и шест ученици за уметничка матура.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Утре (12 август) е тестот по изборниот екстерен испит – математика или англиски јазик. За другите странски јазици – германски, француски, италијански и руски (кои ги полагаат само гимназијалците) за август нема кандидати, исто како и за предметот  историја, кој е наменет за уметничка матура.

На 14 август е полагањето на задолжителниот екстерен испит – мајчин јазик и литература.

Поради значително помал број кандидати во август отколку во јуни, оваа испитна сесија ќе се организира  во четири градови на осум локации. Повторно ќе се реализира на факултетите – Економскиот, Градежниот и Педагошкиот во Скопје, како и на факултети во Тетово, Прилеп и Штип. Од средните училишта полагање ќе има единствено во спортската сала на АСУЦ „Боро Петрушевски“-Скопје,  каде што ќе бидат тестирани ученици од повеќе училишта. ДИЦ на својата веб-страница објави список  за учениците да се информираат од кое училиште каде ќе биде локацијата за полагање.

Меѓу кандидатите што оваа недела ќе полагаат матура се и 226 матуранти на кои им бил поништен испитот во јуни – дел затоа што биле фатени како препишуваат на самиот испит, а за дел е утврдено дека препишувале откако им се прегледани тестовите.

Просечната оценка од полагањето матура во јуни е 3,66 од сите три типа матура – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура, кои првпат се воведени оваа година. Просечната оценка за државна матура е 3,62, за стручна 3,91 и за уметничка 3,59.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на ДИЦ, Даниела Јовчевска-Михајловска, на соопштувањето на резултатитеминатата недела изразија задоволство од тоа што е задржан континуитетот на просечниот успех од лани, кога оценката беше 3,69, за разлика од 2024 кога беше 3,26.

-Можеме да бидеме сосема задоволни и се надевам дека овој резултат ќе го одржиме. Веќе треба само да го одржуваме. Ако е поголем ќе бидеме пресреќни. Ценам дека ова се објективни резултати. Училиштата, факултетите каде се организираа дел од тестовите, тестаторите кои беа околу 2 500 на број, околу 200 набљудувачи и оценувачите беа добро подготвени. Се разбира, и учениците сериозно го сфатија процесот. Годинава првпат се полагаше по нова Концепција која предвиде три типа на матура, со што сите ученици се тестираа по материјалот кој реално го изучувале во четирите години на средно образование, што не беше случај во минатото кога сите се тестираа по еден ист материјал. Задоволна сум што две години по ред се одржува речиси идентичен просек, за разлика од 2024 година кога изнесуваше 3,26, рече Јаневска.

За јунската испитна сесија од учебната 2025/2026 година беа пријавени 14 587 ученици  – 12 184 за полагање државна матура, 2 276 ученици за државна стручна матура и 127 беа пријавени за државна уметничка матура. На полагањето не дошле 348 пријавени, односно 2,39 отсто отсуствувале од испитите.

По објавувањето на резултатите од екстерните испити во јуни, биле поднесени 805 приговори, т.е. 2,86 проценти од вкупниот број матуранти што полагале. Прифатени биле за дел од матурантите, односно 0,95 проценти од поднесените приговори. Увид во тестовите извршиле 133 ученици.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.