HomeАктуелноАрсовска за иднината на Универзалната сала во Скопје

Арсовска за иднината на Универзалната сала во Скопје

Вистината е дека поради грешка во проектната документација, продолжувањето со истиот интензитет на какви било градежни активности предвидени со првичниот проект за реконструкција на Универзална сала значи опасност по безбедноста на граѓаните, истакна на денешната прес-конференција градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Според неа, има грешки кои се детектирани во проектот и како што рече во изјава за медиумите, наместо планираните столбови од последното решение, детектирано е и дека тоа треба да се зајакне со два дополнителни носечки столбови. Таа тврди дека тоа не се единствените проблеми и детектирани недоследности на проектот.

На 6-ти јули 2021 година е изготвен записник во кој што јасно се нагласува дека постојат проблеми со постојната состојба на проектот, односно неусогласеност на проектот со постојната состојба на Универзална сала, а дополнително новопроектираните конструктивни елементи е предвидено да се постават врз трафостаница во рамки на постојниот објект за која што постои проблем во нејзината дислокација. Претходното раководство свесно за проблемите продолжиле со градежни активности иако знаеле дека постојат грешки и пропусти во однос на реконструкцијата. Во текот на месец август се изготвени нови записници и тоа 6, 7 и 8, од 10.08.2021, 17.08.2021 и 24.08.2021, каде се нотирани проблеми за постојните конструктивни елементи, незадоволувачки параметри на армирано-бетонската конструкција и незадоволително ниво на арматура во истата, при што се очекува извештај од ЗИМ за начин на санација или рушење на тие армирано-бетонски елементи, изјави Арсовска.

На 7-ми октомври минатата година, дополни Арсовска, е одржан состанок во Град Скопје, на кој покрај претставници на фирмите проектант, изведувач и надзор на градежните активности присуствувале и тогашниот секретар на Град Скопје и секторски претставници кои заклучиле дека постојат сериозни технички проблеми и недостатоци во процесот на реконструкција на Универзална сала, за што е потребно да се направат измени во проектот. Потенцира дека оваа одлука е одбиена од страна на Општина Центар и не е издадено решение за измени во тек на градење, при што е побарано да се аплицира со нов проект и ново одобрение за реконструкција на Универзална сала.

На 12.10.2021 со записник број 16 надзорниот инженер дал препорака да се срушат или демонтираат конструктивните елементи, кои не ги задоволуваат карактеристиките согласно извештајот од Заводот за испитување материјали (ЗИМ), а да се демонтираат и челични елементи кои се кородирани на споевите и се проценети како несигурни и опасни за безбедноста на објектот. Затекнатата состојба на терен во однос на тоа како се трошеле средствата донирани од Владата за реализација на овој проект која обезбедила 120 милиони денари, укажува на непланско и несоодветно искористување на средствата, без притоа да имаат целосна техничка документација и дополнително да се осигураат дека овој објект ќе биде безбеден да може да се користи и дека еден ден нема да се сруши додека има полна сала граѓани внатре, рече таа.

И покрај овие пропусти и аномалии во работењето на претходното градско раководство, дополни таа, реконструкцијата на Универзалната сала не е стопирана и ќе продолжи соодветно со новото техничко решение кое ќе обезбеди пред се поголема безбедност за објектот и граѓаните.

Градоначалничката Арсовска апелира до, како што рече, „министерката за култура како претставник на Владата, но и гласноговорниците на владејачката СДСМ во Советот на Град Скопје да престанат со изнесување информации кои единствено служат за манипулирање и извртување на фактичката состојба и покрај тоа што самите се запознаени и учествувале во креирање на проблемот во реализацијата на овој проект“.

Власта, рече Арсовска, треба да реши дали нападите за собирање политички поени се поважни од безбедноста на граѓаните.

Дали за претходното градско раководство почнувањето на активностите за реконструкцијата и покрај нецелосната техничка проектна документација и сознанијата за сериозни проблеми во објектот со цел политички поени во време на изборен циклус, беа поважни од детектираната опасност за реконструкцијата на Универзална сала. Сведоци сме на половични решенија од претходното раководство, на избрзани проекти без имплементација. Проектот нема да застане, туку  ќе се спроведе онака како што треба, но со решенија кои се безбедни и сигурни за граѓаните, изјави Арсовска.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.