Глобалната нафтена криза ги турна цените на бензинот и дизелот над 2,4 и 2,5 евра за литар во дел од Европа. Но, кога цените ќе се споредат со животниот стандард, сликата е поинаква – најтешко ги чувствуваат поскапувањата граѓаните во дел од балканските земји.
Цените на нафтата во вторникот повторно го надминаа прагот од 100 долари за барел, поради нарушувањата во снабдувањето и намалениот сообраќај низ Ормускиот и Баб ел Мандебскиот теснец.
Според податоците на fuel-prices.eu/live, најскап бензин во Европа се точи во Холандија – 2,43 евра за литар. Следуваат Данска со 2,35 и Финска со 2,32 евра.
Кај дизелот, највисока цена е регистрирана во Данска – 2,52 евра за литар. Следуваат Франција со 2,40 и Италија со 2,36 евра.
За споредба, во Македонија литар дизел чини околу 1,70 евра, односно 104,5 денари.
Сепак, самата цена не ја покажува целосно тежината што ја носи поскапувањето за граѓаните. Кога трошокот ќе се пресмета според куповната моќ, односно ќе се земат предвид разликите во животниот стандард меѓу земјите, балканските држави се меѓу најпогодените.
Според проценката на „Europe in Motion“, направена врз основа на трошокот за полнење резервоар од 50 литри, Босна и Херцеговина е на врвот на листата на најоптоварени земји. Во ЕУ, најголем товар од цените на бензинот и дизелот имаат граѓаните на Грција.
Кризата дополнително го погодува и рафинерискиот сектор. Според Меѓународната агенција за енергетика, глобалното производство во рафинериите во јули било за речиси пет милиони барели дневно пониско од истиот месец минатата година.
Експерти на Европската централна банка, за „Euronews Business“, очекуваат рафинериската маржа за дизелот да достигне врв во октомври, додека маржите за бензинот веќе го достигнале врвот во август.
