HomeАктуелноБесими: Со намалување на царинските стапки на 258 индустриски продукти до поголема конкурентност на економијата, зголемување на извозот, инвестициите и вработеноста.

Бесими: Со намалување на царинските стапки на 258 индустриски продукти до поголема конкурентност на економијата, зголемување на извозот, инвестициите и вработеноста.

 

Владата на вчерашната седница го усвои Предлог-законoт за изменување на Законот за царинска тарифа, изготвен од страна на Министерството за финансии, со кој трајно се намалуваат или укинуваат царинските стапки на 258 суровини и репроматеријали за индустриско производство коешто е претежно наменето за извоз. Со ова се излезе во пресрет на барањата на компаниите за намалување на царинските стапки како и се врши усогласување на истите со стапките во ЕУ, што е од особено значење за унапредување на производството, извозот и конкурентноста на компаниите. Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими, на прес-конференција на која го презентираше Предлог-законот, кој како што нагласи е донесен низ инклузивен процес на консултации со коморите.

„Најголем дел од намалените царински стапки се однесуваат на индустриски продукти кои како суровини и репроматеријали се користат во технолошко напредното производство, како и во секторите на автомобилска, метало-преработувачката индустрија, металургијата, текстилната, како и кожарската индустрија, кои во 2020 и почетокот на 2021 година година забележаа сериозни потешкотии. Станува збор за увозни производи чии царински стапки се значајно повисоки во однос на царинските стапки на овие производи со примена во Европската унија“, истакна министерот.

Исто така во услови на енергетска криза и во услови на ценовен притисок кај енергенсите, со овoj Предлог-закон, информира Бесими, се предлага укинување на царинската стапка на природен гас.

„Со укинување на царинската стапка за природен гас се дава значајна поддршка на домашните компании и индустрија преку намалување на трошоците за производство. Истовремено во услови на енергетска криза се дава и придонес кон поголема ценовна стабилност на овој енергенс, а се поттикнува и промена на користењето на енергенсите кон енергенси кои помалку загадуваат“, нагласи тој.

Вкупната поддршка која се дава на стопанството со овој Предлог-закон изнесува 810 милиони денари или 13 милиони евра на годишно ниво или 12% од вкупните увозни давачки.

Со намалувањето на увозните давачки, на ниво од ЕУ, висината ќе се хармонизира со царинските стапки што се применуваат во Унијата.

„Со овој Предлог-закон се придонесува кон подобрување на конкурентноста на домашните компании, поголема атрактивност на земјата кон привлекувањето на нови компании со странски капитал од различни стопански сектори, проширување на производството на постојните капацитети на домашни и странски компании, како и зголемување на вработеноста“, истакна министерот.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.