HomeАктуелноВерување и обичаи – Тодорова сабота

Верување и обичаи – Тодорова сабота

Во оваа прва сабота на постот, со коливо го празнуваме преславното чудо на светиот великомаченик Теодор Тирон, коешто се случи вака: кога Јулијан отстапник, после Констанциј, синот на Константин Велики, го зеде управувањето со царството, тој започна отворено враќање од христијанството во идолопоклонството, и тоа не тајно, туку јавно, подигнувајќи прогон против христијаните. Но, злочестивиот не сакал јавно да приредува сурови мачења, туку смислил поинаков начин да ги искушува христијаните. Знаејќи дека нашиот христијански народ најмногу се очистува и внимава на Бога во првата недела од светиот пост, тој го повика управникот на градот и му заповеда да ги тргне обичните продукти од пазарот, а на нивно место да стави други, попрскани со крвта на идолските жртви. Така, сите што ќе купат и ќе јадат од таа храна, да бидат осквернети. Меѓутоа, Бог кој ги попречува лукавите ви нивните завери, а за нас, Неговите слуги, секогаш има промисла, ја разруши и оваа завера на Јулијан. Кон градскиот архиереј Евдоксиј, Он го праќа великомаченикот Теодор Тирон. И тој застана пред него, не во сон, туку на јаве, и му рече: собери го Христовото стадо и заповедај им на сите ништо од она што се продава на пазар да не купуваат, бидејќи е осквернето со крвта на идолски жртви од страна на нечестивиот цар. Архиерејот беше во недоумица и го праша што да јадат оние кои дома немаат доволно храна, доколку не докупат од пазарот? Светителот му рече со коливо за да го дополни недостатокот. Евдоксиј не разбра што точно е тоа „коливо“ и го праша светителот, а тој му објасни: варена пченица. Патријархот тогаш го праша кој е тој, што толку се грижи за христоименитиот народ? Христовиот маченик рече: од Него сум ви испратен за помошник. Патријархот направи како што му беше кажано, и го зачува Христовото стадо неосквернето и неповредено од лукавството. Јулијан кога виде дека неговата измама е откриена, се посрами и заповеда на пазарот да се врати обичната храна. Христијаните, пак, во знак на благодарност кон Благодетелот и кон маченикот, во саботата со коливо извршија радосен спомен. Оттогаш, и ние верните, ова чудо го обновуваме за да не биде заборавено, и го почитуваме великиот Теодор со коливо.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Јавувањето на Св. Теодор Тирон и укажувањето на подлите намери на царот Јулијан Отстапник биле повод да се востанови празникот Тодорова Сабота, што се празнува во првата сабота од Велигденските пости, односно првата сабота по Прочка.

Споменот на светиот великомаченик Теодор Тирон се празнува на 1 март/17 февруари. Но, кај нашиот народ попознат е другиот празник поврзан со овој светител, а тоа е Тодорова Сабота (Тодорица), подвижен празник, што се празнува во првата сабота од Велигденскиот пост.

Педесет годни по смртта на Свети Теодор во Цариград владеел царот Јулијан Отстапник. Така бил наречен поради тоа што во младоста бил христијанин, а подоцна кога станал цар се откажал од христијанството и со сите средства ги прогонувал христијаните Таа година сакајќи на некој начин да им напакости на христијаните, а знаејќи колку им значи Велигденскиот пост особено првата недела по која некои и се причестуваат, царот наредил сета храна што се продавала по пазарите да се попрска со крв од жртвите принесувани на идолите. Но тогаш на цариградскиот патријарх не во сонот, туку на јаве, му се јавил Свети Теодор Тирон и му рекол да им забрани на христијаните да купуваат храна од пазарите зашто таа ќе биде испоганета со крв. Наместо тоа цела недела да јадат пченица со мед. Патријархот така постапил, христијаните цела недела јаделе жито и така останале неиспоганети. Во спомен на овој настан првата сабота од Велигденските пости е наречена Тодорова сабота, тогаш се оди во Црквата и се носи жито.

Според едно предание од Гевгелиско Свети Тодор бил војник во царевата војска и кога дознал за намерата на еврејскиот цар да го укине христијанскиот пост трчал со коњот од место во место за да ги храбри христијаните да издржат зашто, како што претпоставувал, Евреите до првата сабота морале да попуштат. Тоа негово предвидување се покажало точно поради што црквата го прогласила за светец.

Во спомен на овој подвиг на Теодор Тирон се празнува празникот Тодорова сабота во народот познат како Тодорица. Овој празник спаѓа во оние празници што немаат постојан датум туку зависат од Велигден. Секогаш се паѓа на една недела по Прочка, поточно првата сабота по овој празник што значи дека тој е на крајот од првата недела од големите Велигденски пости.

Иако Тодорова сабота е црковен празник, а на тоа упатуваат повеќето обичаи што се изведуваат во црквата, сепак, на овој ден се изведуваат и повеќе обичаи кои очигледно водат потекло од многу постари времиња.

Најголемиот број обичаи поврзани со овој ден се изведуваат вечерта спроти празникот. Во повеќе краишта на Македонија тогаш во црквата се носи т.н. Тодорички леб или Тодоречка погача, а Кузман Шапкарев забележал дека во охридските села носеле колаци со четири проскурчиња „за воловско здравје”. Овој обреден леб од горната страна е украсен со разни фигури: волови, плуг, јарем, коњи, коњски плочи, трло со јагниња и сл. Во црквата лебот се става во чинија врз која има варена пченица и пченка и бидејќи лебот во средината има дупка низ неа се забодува свеќа која што се запалува. Подоцна откако свештеникот ќе отпее молитва и ќе го благослови лебот и другите продукти свеќата се гасне под мишка и се чува цела година за лекување разни болести и за одврзување магии. Во црквата од лебот се раздава „за мажо здравје”, „за воловско здравје”, „за коњско здравје” и тн.

Интересен обичај на празникот Тодорица се изведувал во селото Лазорополе. Тие што тримереле оделе надвор од селото во местото Сливине, носеле со себе варено жито и вода осветена на Свети Трифун. Со таа вода ги прскале ливадите. Од житото што го носеле девојките еден дел им давале на момчињата и роднините за здравје, а потоа оделе кај своите ливади и фрлајќи од житото викале: „Киш, киш, кртови, / на чупоски вртови”. Чуповци, пак, викале: „Киш, киш кртови, / на росочки вртови”! Овие обичаи започнувале околу десет часот претпладне и завршувале околу три или четири часот попладне.

Очигледно е дека иако празникот Тодорова сабота или Тодорица е пред се црковен празник, иако повеќето од обичаите се изведуваат во црквата и се поврзани со споменот на Свети Теодор Тирон, особено житото, сепак, во овој празник се контаминирале и поголем број пагански обичаи поврзани со доаѓањето на пролетта и со разбудувањето на вегетацијата

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.