HomeАктуелноВтор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Во Собранието денеска продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година. Поднесени се вкупно 307 амандмани од кои 204 се на опозициската СДСМ.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

На првиот ден од амандманската расправа не беа прифатени четири амандмани од кои еден од СДСМ и три од Движењето на Турците на Македонија.

Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиoни денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП.

Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 проценти, како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и поумерениот притисок од базичната инфлација. Извозот се очекува да има раст од 4,2 проценти, а увозот од 4,4 проценти како резултат на очекувањата за постепено стабилизирање на меѓународното опкружување и зголемувањето на надворешната побарувачка.

Според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, Предлог-буџетот е развоен со социјална компонента во кој дополнителна карактеристика е тоа што трендот на раст на расходите е понизок од трендот на раст на приходите, односно приходите се зголемени за 13 проценти, а расходите за 10 проценти во однос на 2024 година, што придонесува кон консолидација и намалување на буџетскиот дефицит за околу 3,3 милијарди денари.

Предлог-буџетот, како што посочи министерката во своето експозе, се базира на реални макроекономски претпоставки и фискални проекции и обезбедува непречено функционирање на институциите на државата и редовно сервисирање на обврските.

Расправата за Предлог-буџетот во собраниската Комисија за финансирање и буџет трае вкупно 10 дена и треба да заврши најдоцна до 30 ноември по што продолжува на пленарна седница. Согласно законот, Буџетот за 2025 година треба да биде изгласан до крајот на годината.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.