Цените на горивата во Европската Унија бележат значителен раст на почетокот на април, при што дизелот е за околу 30 проценти поскап во споредба со крајот на февруари, додека бензинот е повисок за околу 15 проценти. Ова го покажуваат најновите податоци, во услови на енергетска нестабилност и нарушувања на пазарот по ескалацијата на состојбите на Блискиот Исток.
Во исто време, разликите меѓу земјите членки се значителни. Така, литар дизел во Малта се продава за околу 1,21 евро, додека во Холандија достигнува и до 2,46 евра.
Според податоци објавени од Европска комисија, а пренесени од Euronews, просечната цена на Еуросупер 95 во ЕУ изнесува 1,871 евро за литар, додека дизелот достигнува 2,076 евра. За споредба, на 23 февруари бензинот во просек чинел 1,64 евра, а дизелот 1,59 евра, што значи дека за нешто повеќе од еден месец цените значително пораснале.
Најскап дизел има во Холандија (2,46 евра за литар), а високи цени се регистрирани и во Данска, Германија, Финска и Белгија. Од друга страна, најниска цена има во Малта, како и во Унгарија, Словенија и Бугарија.
Слична е состојбата и кај бензинот. Највисоки цени за Еуросупер 95 повторно се забележани во Холандија, Данска и Германија, додека најевтин бензин има во Малта, како и во Бугарија, Словенија, Унгарија, Шпанија, Словачка и Кипар.
Во Македонија, според последната одлука на Регулаторна комисија за енергетика која важи од 7 април, Еуросупер БС-95 се продава за 83,50 денари за литар, БС-98 за 85,50 денари, а дизелот достигнува 98 денари за литар. Пресметано во евра, тоа е околу 1,35 евра за БС-95, 1,38 евра за БС-98 и 1,59 евра за дизел.
И покрај најновите поскапувања, горивата во Македонија и натаму остануваат под просекот на Европската Унија. Разликата е особено изразена кај дизелот, каде домашната цена е значително пониска од европскиот просек.
Сепак, експертите предупредуваат дека домашниот пазар не е изолиран од глобалните движења. Секое ново нарушување во снабдувањето или раст на цената на суровата нафта може брзо да се одрази и врз цените во земјава.
