Народната банка подготвува посебно решение за исплата на пензиите на околу 3.500 пензионери кои примаат пензија преку АЛТА банка АД Битола, но немаат платежни картички. Се разгледува можноста тие преку шалтер еднократно да подигнат до 20.000 денари, со цел да не мора повеќепати да одат во банката за да стигнат до своите средства.
Ова го соопшти гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во интервју за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.
Според податоците што ги изнесе Славески, од вкупно 11.500 пензионери кои примаат пензија преку АЛТА банка, околу 3.500 немаат платежни картички. За нив се подготвува посебен начин на исплата, а јавноста ќе биде известена штом бидат утврдени сите детали.
„Целта е да им овозможиме полесен пристап до нивните средства“, посочи гувернерот.
Покрај пензионерите, Народната банка бара решение и за компаниите кои имаат средства на сметки во АЛТА банка, а треба да ги исплатат платите на вработените и да ги подмират обврските за даноци и придонеси, чиј законски рок е до 15-ти во месецот.
Во моментов, правните лица можат да вршат внатрешни плаќања во рамките на банката, кон сметки на други правни и физички лица, без ограничување на износот. Преносите на средства надвор од банката се привремено ограничени.
Славески нагласи дека Народната банка внимателно ја следи состојбата по воведувањето привремена администрација во АЛТА банка, која може да трае до три месеци. Тим на Народната банка е присутен во банката и го следи функционирањето на банкарските услуги, вклучително и банкоматите.
Во меѓувреме, се преземаат активности и за решавање на сопственичката структура на банката. Народната банка испратила известување до надлежниот регулатор во Србија, со барање во рок од три дена да се произнесе дали АЛТА банка АД Белград ќе ги понуди на продажба акциите во македонската банка.
„Без разлика дали ќе добиеме одговор од регулаторот, по истекот на десет дена Народната банка ќе ги понуди акциите на АЛТА банка АД Битола на Македонската берза“, изјави Славески.
Тој информираше дека постои интерес од неколку потенцијални инвеститори од земјата и од странство за преземање на акциите. Евентуалната продажба ќе се спроведе согласно законските и супервизорските критериуми, со цел да се обезбеди долгорочна стабилност и непречено работење на банката.
Народната банка најавува дека јавноста навремено ќе биде информирана за сите нови одлуки, особено за начинот на исплата на пензиите на клиентите кои немаат платежни картички.
