Голем православен празник, се слави Св. Петка, кај народот познат како Петковден. Во недела е голем христијански празник за сите верници. Се празнува Преподобна Параскева-Петковден. Во народот позната како света Петка.
Православните верници ќе ја прославуваат света Петка. Ова е еден од празниците што нашиот народ најмногу ги прославува, а познат е и како Петковден. Секаде има свои обичаи, но сите носат вино, лепче и пченица во црква.
Петковден е прв празник за домашна слава од зимските слави. Еден од обичаите кои се практикуваат на празникот на св. Петка е „петолебие“, кога луѓето носат пет лепчиња во црквата, во спомен на настанот од Библијата, кога Исус Христос со пет леба нахранил 5.000 луѓе. Притоа, петте лепчиња се осветуваат, при што едно му се дава на верникот, а четири остануваат во црквата.
Населението за света Петка верува дека е заштитничка на луѓето, нивни застапник пред Бога, ги чува од суша, помор, неплодност, грмење и воопшто од многу зла и напасти. Како празник света Петка повеќе го празнуваат жените. Во Мариово на овој ден мажите можеле да берат дрва, да копаат, да прават рало, само не смееле да ораат. Жените уште од вечерта спроти петокот не работеле никаква работа дури до петокот навечер, како што тоа го правеле Евреите во саботата. Неделата не ја празнувале толку колку петокот ‒ вели запишувачот на овие верувања.
Култот кон света Петка кај Македонците е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени петочни води.
Според народните верувања на овој ден жените не треба да месат леб и да перат, зошто се вели дека ќе им трнат рацете цела година.
Споменот на “Света Преподобна Петка – Параскева Трновска ” се празнува секоја година на 14-ти октомври по стар стил, или на 27-ми октомври по нов стил.
Светата Православна Црква празнува три личности со исто име Петка(македонски) односно Параскева(грчки),поради што во народот се мешаат или пак се мисли дека се работи за иста личност.