Католичките верници ширум светот денеска го слават католичкиот Божиќ, а секоја земја си има свои традиции.
Божиќ, 25 декември по Грегоријанскиот календар го прославуваат Римокатоличката црква, протестантските цркви како и некои православни цркви кои прифатиле ново сметање на времето.
Во христијанството се верува дека Христовото раѓање донело светлост на вистината за човековиот род и дека со тој настан е исполнето старозаветното пророштво за раѓање на Спасителот.
Божиќ, или Рождество Христово е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден.
Во овие тешки времиња на предизвици и пандемија, добро е да се потсетиме дека светлината на Христовото Раѓање нè обединува во вербата и во добродетелството, бидејќи со надеж и со љубов се победуваат и најтешките искушенија.
Честит Божиќ на сите верници кои го празнуваат големиот христијански празник според Грегоријанскиот календар. – стои во фб честитката на претседателот Стево Пендаровски.
Дозволете во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ, да им го честитам празникот рожденство Христово на сите христијани кои го прославуваат според грегоријанскиот календар.
Божиќ е најсветлиот празник за секој христијанин, затоа што симболиката на овој празник е во новото раѓање и надежта за подобра иднина. Празничната вест за раѓањето на Христос нека го исполни секој дом со радост, спокој и мир, а срцето на секој верник со љубов. Божиќ е семеен празник кој секогаш не потсетува на христијанските и цивилизациски вредности на хуманост и подадена рака кон своите ближни, но и на оние на кои тоа најмногу им треба. Тоа особено е важно сега во овие времиња на предизвици и премрежија кога како луѓе си требаме најмногу еден на друг, со збор или дело да си помогнеме. Вербата во Бога нека биде двигателот на секој од нас да живееме во духот на толеранцијата, взаемната почит и чесните дела. Тоа е начин на кој секој од нас, но и сите заедно ќе успееме да направиме подобра иднина за себе и своите деца.
Христос се роди!
Бог нека ве благослови. – стои во честитката на претстедателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Еве како празникот го честита поранешниот претседател на СДСМ и премиер.
Денешниот ден, Христовото раѓање – Божиќ, е вечниот симбол на нашата надеж, дека Бог е со нас и дека преку вербата, можат да се пребродат и најтешките искушенија.
Ве повикувам да ги прифатиме пораките на празникот и да подадеме рака секому кому му е потребна помош, да даруваме безусловна љубов, да не заборавиме на добротворните дела, насмевката и радоста, оти само така сме корисни за нашето општество, за нашата држава.
На припадниците на Католичката црква, како и на сите православни и други христијани коишто го слават Христовото раѓање според Грегоријанскиот календар, им посакувам среќни празници. Христос се роди! Среќен Божиќ! – стои во честитката на Заев.