Студентите би можеле да добиваат повисока месечна субвенција за исхрана, од сегашните околу 3.500 на 4.500 денари. Предлогот го соопшти премиерот Христијан Мицкоски, по средбата со претставници на студентските парламенти од универзитетите во државата.
Според предложениот модел, досегашната студентска картичка би се заменила со посебна дигитална услуга „М-студентски оброк“, достапна преку апликацијата „М-услуги“. На тој начин, месечниот износ би бил зголемен за 1.000 денари, а средствата би се користеле за купување храна.
Во системот би биле вклучени ресторани, маркети, млечни ресторани и други оператори. Дополнително, Владата разгледува можност за обезбедување попусти за студентите, кои би можеле да ги користат и откако ќе ја потрошат месечната субвенција.
Целта на новиот модел е средствата да се користат наменски, односно за исхрана, а не за други производи.
Сепак, предлогот сè уште не е конечна одлука. Студентските претставници треба да се консултираат со колегите и да го соопштат својот став, додека Министерството за образование и наука најавува дека зголемување на субвенцијата ќе има, но сè уште не е утврдено кога и во колкав износ ќе се реализира.
Засега останува отворено прашањето дали ќе биде прифатен предложениот модел од 4.500 денари и кога студентите би можеле да почнат да го користат.
