HomeАктуелноМВР во организација со ДКСК за борба против корупцијата

МВР во организација со ДКСК за борба против корупцијата

Денеска,  министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, амбасадорот на Делегацијата на Европска Унија, Дејвид Гир , претседателката на Државната Комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска, како и заменик претседателка на Владата задолжена за политика за добро владеење, Славица Грковска, беше дел од тркалезна маса на тема ,,Култура на интегритет – Пат до успех во борбата против корупцијата“ во организација на Државната Комисија за спречување на корупција (ДКСК).Во своето обраќање пред присутните, министерот Спасовски потенцираше дека кога станува збор за борбата против корупцијата во Стратешкиот план на Министерството за внатрешни работи 2021-2023, токму таа е утврдена на врвот од стратешките приоритети во нашето министерство. „Во таа насока, Министерството за внатрешни работи секоја година усвојува Антикорупциска програма што има за цел да воспостави систем на мерки кои ќе овозможат справување со корупцијата и идентификување на причините, условите и факторите што ја овозможуваат. Според ваквата програма, обврска на сите вработени е при извршување на работните задачи да постапуваат согласно правилата, прописите и професионалните стандарди кои се применуваат во Министерството и Полицијата.”

Министерот Спасовски истакна дека врвното раководство во Министерството ја увиде потребата од воведување на механизми на кои укажа ГРЕКО со цел вршење на проверка на чесноста и професионалното работење на вработените во МВР, па во тој смисол Министерството изготви изменувања и дополнувања на Законот за внатрешни работи во делот на задолжително воведување на Тестови за проверка на интегритет при засновање на работен однос во МВР, како и тестови за проверка на професионалниот интегритет на сите вработени лица во МВР.

Проверката на професионалниот интегритет на работниците во Министерството ќе се врши континуирано за времетраењето на работниот однос со примена на технички средства и опрема за аудио и видео снимање, по претходно утврдени факти, односно сознанија за незаконско или непрофесионално постапување на работникот во Министерството. Негативниот резултат од овој тест е предвиден како потежок случај за дисциплинска одговорност и основ за поведување на дисциплинска постапка, а резултатот од Тестот за професионален интегритет може да биде индикатор за поведување на предистражна постапка, проценка и анализа на ризикот од корупција, промена на методологијата и процедурите за работа и утврдување на видот и потребата за обука на работниците.- рече Спасовски.

Изразувајќи лична увереност дека токму високиот полициски интегритет е основа за создавање меѓусебно почитување и доверба помеѓу граѓаните и полицијата и има голема улога во ефективната борба против криминалот и корупцијата, министерот Спасовски нагласи дека споменатиот закон за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи е во собраниска процедура.

Покрај ова, министерот Спасовски нагласи дека во изминатиов период со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, спроведена е обука на вработените од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, на тема „Проверка на професионален интегритет“, а во рамки на проектот „Надворешен механизам за контрола на полицијата“ во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција формирано е и започна со работа специјализирано одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од страна на лицата со полициски овластувања и припадниците на затворската полиција кое издава директни наредби на вработените во Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди околу гонење на сторителите на кривични дела – полициски службеници.

Во таа насока, Министерството за внатрешни работи со својата проактивна борба против корупцијата и нејзина апсолутна неприфатливост, гради контролни механизми, мерки и активности со кои ќе го стесни просторот на коруптивно однесување на вработените во Министерството и полицијата, како и откривање и соодветно санкционирање на секој конкретен случај.

Донесувањето на нов Етички кодекс за однесување на вработените во МВР, воведувањето на Тестови за интегритет за нововработените, но и Тест за професионален интегритет за вработените во МВР, градење на професионална полиција без партиски влијанија, пријавување на имот/интереси од страна на највисокото раководство или одредени позиции во полицијата, беа само дел од препораките од Групата на Советот на Европа за борба против корупцијата – ГРЕКО.

Токму препораката на ГРЕКО што се однесува на воведување на ОБВРСКА ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ НА ИМОТ/ИНТЕРЕСИ ОД страна на највисокото раководство или одредени позиции во полицијата, во предложените законски одредби за изменување на ЗВР, се предвидува нов член чиј наслов гласи: „Изјава за имотна состојба и интереси“.Во ноември 2019 година, донесен е Етички кодекс за однесување на работниците во МВР и назначено е лице за советување за интегритет и судир на интереси на вработените во МВР, рече министерот Спасовски.

На крајот од своето обраќање министерот Спасовски потенцираше дека задолжителна обврска на секое општество е да ги мобилизира сите институционални капацитети во справувањето со корупцијата и непрофесионалното постапување на полициските службеници и градењето на Полиција што ќе ужива углед и доверба кај граѓаните.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.