Барањето за линеарно зголемување на пензиите повторно го актуелизираат пензионерите, кои од министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, бараат идните покачувања да бидат законски регулирани и сите пензионери да добиваат еднаков износ во денари.
Од Иницијативниот одбор за линеарно зголемување велат дека процентуалното усогласување создава дополнителни разлики меѓу пензионерите. Според нив, истиот процент носи значително поголемо зголемување во денари за оние со повисоки пензии, додека корисниците со најниски пензии добиваат многу помал износ.
Тие сметаат дека средствата што државата ги издвојува од буџетот за зголемување на пензиите треба да се распределат рамномерно, односно секој пензионер да добие ист износ.
„Главните параметри за формирање на пензијата, како работниот стаж, школската спрема и работното место, се опфатени и вградени во решението за соодветната пензија. Врз основа на тие критериуми има пониски, средни и повисоки пензии. Но, по одењето во пензија, никој пензионер не одвојува и не вложува ништо понатаму – сите пензионери сме еднакви“, вели Кирил Јосифовски, претседател на Иницијативниот одбор на пензионерите од Охрид и Дебрца.
Одборот бара линеарното зголемување да биде утврдено со закон и да почне да се применува уште со следното мартовско усогласување. Според нивниот предлог, процентот на усогласување може и понатаму да се утврдува врз основа на растот на трошоците за живот, но вкупниот износ што ќе го обезбеди државата треба да се подели на еднакви износи за сите пензионери.
Трајче Станојков од Свети Николе посочува дека според нив, проблемот не е во процентуалното усогласување како модел, туку во тоа што истиот процент резултира со различни износи на покачување.
„Не може 3 отсто да му се даде на оној што има 90 илјади денари пензија и да го наградиме со 3.000 денари, а да го казниме оној што едвај дошол до 18 или 20 илјади денари пензија и само за 600 денари да му се усогласи со животниот трошок“, вели Станојков.
Од Иницијативниот одбор воедно побараа оставка од претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, Станка Трајковска, поради нејзиниот став против линеарното зголемување на пензиите.
По двегодишниот период во кој пензиите се зголемуваа со ист износ, од септември повторно се применува процентуално усогласување, согласно движењето на платите и трошоците за живот.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно најави дека септемвриското усогласување ќе се спроведе според законскиот механизам. Во моментот на објавување на информацијата, конечниот процент на зголемување сè уште се пресметува.
Според законската регулатива, пензиите се усогласуваат двапати годишно – на 1 март и на 1 септември. Кај процентуалниот модел, износот на зголемувањето во денари зависи од висината на пензијата, што значи дека повисоките пензии добиваат и поголем номинален износ.
Септемвриското усогласување се однесува на пензиите за септември, кои се исплаќаат во октомври.
