Ноќеска во 03:00 часот по полноќ завршува летното, а почнува зимското сметање на времето. Стрелките на часовникот ќе се поместат еден час наназад, односно времето во 03:00 часот ќе се смета како 02:00 часот.
Промена на времето во земјава е врз основа на годишната практика за регулирање на сметањето на времето и има за цел усогласување со европската регулатива во оваа област.
Зимското сметање на времето почнува секој последен викенд во октомври и трае до последниот викенд во март следната година, кога повторно настапува летното сметање на времето.
Промената на времето практично значи дека наредната ноќ ќе спиеме еден час подолго, а носи и подолгорочни промени: ќе се разденува порано, но исто така и ќе стемнува порано.
Освен кај нас, зимското сметање на времето го применуваат и поголем дел од државите на европскиот континент, освен Исланд, Русија и Белорусија. Европскиот парламент на 4 март 2019 година изгласа да биде укинато сезонското поместување на времето од 2021 година, но Советот на ЕУ сè уште нема донесено конечна одлука.
Сезонското менување на времето, освен во Европа, се применува и во повеќето земји од Северна и Централна Америка, како и во повеќе други држави во светот. Времето не се менува во Јапонија, Кина, Јужна Кореја, ниту во земјите од африканскиот континент.
На 26 октомври повторно се враќаме на зимско време – а тоа значи рани ноќи, пократки денови и мал хаос во биоритамот. Еве како да му олесниш на телото и умот во првите денови по промена на часовникот.
Поместувањето на стрелките наназад изгледа како мала промена – но телото го чувствува. Нарушениот сон, заморот, раздразливоста и намалената концентрација се чести симптоми по преминот на зимско време. Добрата вест е дека со неколку едноставни навики можеш брзо да се прилагодиш.
1. Легнувај и станувај 15 минути порано
Неколку дена пред поместувањето започни постепено да го менуваш времето на спиење и будење. Така организмот нема да доживее „шок“ кога ќе се смени часовникот.
2. Излези на сонце уште наутро
Природната светлина му помага на телото да го ресетира биолошкиот часовник. Утрото прошетај 10–15 минути надвор – тоа го намалува утринскиот замор.
3. Прилагоди ги оброците
Јади во исто време секој ден за да му дадеш стабилен ритам на телото. Избегнувај тешка храна доцна навечер, бидејќи може да го наруши сонот.
4. Ограничете ги екраните навечер
Сината светлина од телефони и лаптопи го одложува лачењето на мелатонин – хормонот на спиење. Исклучи ги екраните најмалку еден час пред легнување.
5. Внеси ритуал за смирување
Чаша чај од камилица, лесна медитација или 10 минути читање – мали вечерни ритуали му сигнализираат на мозокот дека е време за одмор.
