Охриѓани и бројните посетители кои ќе ја пречекаат Новата 2026 година на Градскиот плоштад ги очекува разновидна и богата празнична програма во рамки на манифестацијата „Охридска новогодишна приказна“, организирана од Општина Охрид.
Празничниот ден започнува со детска театарска претстава „Ракавиците на Дедо Мраз“, во изведба на Детското драмско студио „Ден и нок“, која ќе започне во 12:30 часот. Во 14:00 часот следува концертот „Златни 80-ти“ на учениците од ОСУ „Св. Климент Охридски“, под менторство на професорот Љупчо Аслимоски. Атмосферата ќе продолжи да се загрева со настапот на DJ Ace од 15:30 часот, со што започнува попладневната забава на плоштадот.

Вечерната програма стартува во 20:00 часот со музички сет на DJ Yuxell, по што од 21:00 часот публиката ќе ужива во настапот на охридскиот музички уметник Ѓоко Танески. Од 22:20 часот следува концерт на фолк легендата Ефто Пупиноски, а кулминацијата на новогодишната ноќ ќе ја донесе македонската поп ѕвезда Влатко Лозановски, кој ќе настапи од 23:45 часот.
Забавата ќе продолжи и по пречекот на Новата година, со сет на DJ Bagzi од 01:15 часот.
Празничната атмосфера ќе продолжи и на 1 јануари, кога на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“, со почеток во 20:00 часот, за добрата забава ќе се погрижат легендарната група „Меморија“ и музичкиот состав „Фузија“.
