Охрид денес го одбележува 7 Ноември – Денот на ослободувањето на градот, а по повод 82-годишнината, синоќа во Центарот за култура „Григор Прличев“ се одржа свечена академија.

На свеченоста беше оддадена почит на сите учесници во Народноослободителната борба и на оние кои ги положиле своите животи за слободата на Охрид.
Пред присутните се обрати градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, кој истакна дека 7 Ноември е еден од најзначајните датуми во историјата на градот.
„Пред 82 години, на 7-ми Ноември, охриѓани повторно ја добија можноста да живеат слободно“, порача Пецаков, нагласувајќи дека сеќавањето на борците и нивната жртва треба да остане дел од историската меморија на градот.
Во рамки на свечената академија беше изведен и музичко-сценскиот перформанс „Охрид е песна“, во кој учествуваа Андријана Билаловиќ-Тодороска, писателката Марина Димоска и учениците од ООУ „Братство – Единство“.



Денес продолжува празничната програма
Одбележувањето на 82-годишнината продолжува и денес со повеќе настани.
Во 10:30 часот е најавено 6. Општинско првенство во шах, а од 10:00 до 11:00 часот ќе се одржи „Ohrrid Fly Festival“ – регионален параглајдинг перформанс.
Во 11:00 часот ќе биде положено свежо цвеќе во Спомен-паркот на Револуцијата.
Од 17:00 часот, во Прличевата одаја, ќе биде промовирана книгата „Охридски книжевни критичари“ од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски.
Празничната програма ќе заврши со отворањето на изложбата „Охрид – светско наследство низ објективот“ на Фото кино клуб „Охрид“, која ќе биде отворена во 19:00 часот во Куќата на Робевци, со слободен влез.
7 Ноември – Денот на ослободувањето на Охрид – останува еден од најзначајните датуми во историјата на градот, кој и годинава се одбележува со низа свечености, културни настани и чествување на борците за слобода.
