Охриѓанецот Бојан Михајловски е еден од најталентираните македонски бармени, кој веќе години наназад ја надоградува својата вештина и креативност во светот на коктелите. Овој март, Бојан ќе ја претставува Македонија на Европското првенство за бармени, организирано од International Bartenders Association (IBA), кое ќе се одржи во Протарас, Кипар. Во разговорот со него, тој ни откри како започна неговата приказна со барменството, што значи да се натпреварува на европско ниво и како го развива својот авторски коктел.
За почеток, кажете ни како започна Вашата приказна со барменството и што Ве привлече во оваа професија?
Да бидам искрен, уште за време на летниот распуст во средношколската возраст почнав да работам со цел да создадам работна навика, одговорност, да остварам контакти со нови луѓе и, секако, да ги спечалам првите пари. Сите овие цели беа изводливи единствено во угостителскиот сектор. Најпрво ја извршував функцијата beach boy, односно средување на плажата, а мојата приказна со барменството започна со тогашните колеги бармени на Женска плажа во Струга, кои секојдневно ме подучуваа и покрај тоа што работев како beach boy. Со текот на времето, професијата ме привлече и веќе од следното лето се приклучив на тимот на бармени.
Што ме привлече? Се, но најмногу подготовката на коктели. Почетокот беше со ограничени ресурси, но тоа претставуваше предизвик за мене – да истражувам рецептури, да пробувам нови коктели, нови пијалоци и техники на подготовка. Потоа следеше промена на работната средина и вработување во Куба Либре, каде веќе професионално почнав да гледам на работата. Пристапот кон интернетот и стручната литература ми овозможи постојано надоградување, кое продолжува и до денес.

Ќе учествувате на Европското првенство за бармени организирано од International Bartenders Association. Каде ќе се одржи натпреварот и кога?
Да, точно така. Делегиран сум од Здружението на Бармени на Македонија и од претседателот Филип Арнаудов да ја претставувам нашата држава на официјално европско првенство организирано од IBA, во рамките на Cyprus Bar Show, кое ќе се одржи од 19 до 22 март во Протарас, Кипар.

Колку е големо ова натпреварување во светот на барменството и каква конкуренција очекувате таму?
Самото натпреварување кажува колку е големо – ќе се натпреваруваме 26 бармени од цела Европа во категоријата ECC Classic Cocktail Championship. Конкуренцијата ќе биде огромна и тешка, но гледам на тоа како можност за личен напредок и искуство кое ќе го донесам назад во Македонија, заедно со колегите бармени да напредуваме колективно во светската коктел индустрија.

Со каков коктел или концепт планирате да се претставите на Европското првенство? Колку подготовка бара настап на вакво ниво?
Концептот на оваа година е Long Drink. Ќе се натпреварувам со коктел на база на џин, слатко-пикантен и воедно освежувачки, пролетно-летен коктел. Подготовката бара многу труд: започнуваме со теоретскиот дел – знаење за бар индустријата, кафе, вино, пиво, историја и слично. Потоа следуваат техники на подготовка, бидејќи критериумите се строги – се оценува секој потег и најситен детал. На крај, се формулира коктелот преку дегустации, со помош на субјективни мислења на дегустаторите. Особена благодарност до моите соработници и спонзорот Monin Македонија и бренд менаџерот Александар Цветковски, кои ми овозможија користење на Монин студиото и производите за создавање на натпреварувачкиот коктел.
Што значи за Вас да ја претставувате Македонија на едно вакво европско ниво?
Огромна чест, гордост и најголема одговорност. Можност да ја покажам нашата бар култура, страст и креативност пред цела Европа и да докажеме дека од Македонија доаѓаат врвни бармени и идеи.
Последниве години се зборува за концептот Mobile Cocktail Bar. Што претставува и како функционира? Колку е популарен кај нас?
Концептот го започнавме со брат ми Јован, веќе влегува во третата година од постоењето. Преносливиот бар се носи на настан, забави или свечености – поставуваме целосен шанк со опрема како во локалите. Во Македонија трендот полека се шири, најчесто за свадби, родендени, корпоративни настани и приватни забави.

Дали е поголем предизвик да се направи совршен коктел на настан надвор од класичен бар?
Предизвикот е ист и секогаш возбудлив. Нашата мисија е гостинот да добие пијалок кој точно одговара на неговиот вкус.
Кои коктели моментално се најпопуларни кај луѓето?
Најпопуларни се Sour стил коктели – Whiskey Sour, Amaretto Sour, Vodka Sour, Gin Sour. Популарни се и мартини стилови, како Prn Star Martini* и Espresso Martini. Изминатата година значајно место завзеде и Paloma, кој на светско ниво беше прогласен за коктел на 2025 година.

Имате ли свој авторски коктел и која е тајната на еден навистина добар коктел?
Имаме повеќе авторски коктели, особено со локални продукти и ракии. Тајната на добар коктел е балансиран вкус – не премногу или премалку алкохол, не премногу благ или кисел, а аромата да биде пријатна, не преинтензивна.

Какви се Вашите очекувања од Европското првенство?
Очекувам да се претставам во најдобро светло – не само јас, туку целата македонска бар заедница. Се спремаме професионално, но конечниот впечаток зависи и од субјективниот вкус на судиите.
Што би им порачале на младите кои сакаат да се занимаваат со барменство?
Да почнат од почеток. Патот е трнлив, но не недостижен. Младите треба да почнат со „валканите“ работи во барот, да го надоградуваат знаењето, да учат од поискусните бармени и литературата, и најважно – да пробуваат без страв од грешки, бидејќи од нив најмногу се учи.

Напомена: Сите права за овој интервју текст и фотографии се сопственост на нашиот портал. Строго е забрането нивно користење, копирање или споделување без писмена дозвола.



