Изразувам силна осуда за воените дејствија кои Русија ги презема над Украина, што неизбежно ќе водат кон ненадоместлива загуба на човечки животи и материјална штета. Инвазијата на Украина од страна на Русија е напад на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, сериозна повреда на основните принципи на меѓународното право, удар врз демократскиот поредок и закана за стабилноста на Европа.
Ова е ставот на претседателот на државата Стево Пендаровски по повод инвазијата на Украина од страна на Русија.
Како НАТО членка, се приклучуваме кон повикот на Алијансата насочен кон Русија за прекин на воените дејствија на територијата на Украина. Во име на граѓаните на Северна Македонија, изразувам солидарност со украинскиот народ во овие тешки времиња, се наведува во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.
Претседателот Стево Пендаровски за денеска (24 февруари 2022 година) свика седница на Советот за безбедност на која ќе се дискутира за руската агресија врз Украина.
Седницата ќе се одржи во Кабинетот на претседателот со почеток во 14:00 часот.
Соопштение за заклучоците на Советот за безбедност, како и фото и видео инсерти од седницата ќе бидат дистрибуирани од страна на Кабинетот на претседателот по завршувањето на седницата.