Од полноќ на патиштата низ Македонија влегува засилен надзор – во следните 24 часа сообраќајниците ќе бидат буквално „преплавени“ со радари. Полицијата ќе спроведува непрекинати контроли за мерење на брзината на движење на возилата низ целата држава.
Оваа акција е дел од поширока европска иницијатива, при што македонската сообраќајна полиција се приклучува кон координираната контрола на РОАДПОЛ, мрежа во која учествуваат повеќе европски држави.
Покрај 24-часовниот „маратон“, засилените контроли ќе продолжат и во текот на целата недела.
Портпаролот на МВР, Гоце Андреевски, предупредува дека брзото возење и натаму е една од главните причини за тешки сообраќајни несреќи.
„Мораме постојано да делуваме, бидејќи последиците од пребрзото возење се сериозни и често трагични“, изјави Андреевски.
Податоците од продолжениот празничен викенд покажуваат алармантна состојба – казнети биле 1303 возачи, од кои дури една третина возеле побрзо од дозволеното. Дополнително, 26 лица биле фатени зад волан под дејство на алкохол.
Полицијата лишила од слобода 57 лица за безобѕирно управување со возило, меѓу кои шест за возење во алкохолизирана состојба, 23 без возачка дозвола, а четворица управувале возило и покрај претходна забрана.
Во истиот период, одземени се 22 возила согласно законските одредби, додека 19 мотоциклисти биле казнети поради неносење заштитен шлем.
Апелот од надлежните е јасен – почитувајте ги правилата, бидејќи овој пат контролите ќе бидат насекаде.
