Портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа подетално за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 127-ма седница на Владата на Република Северна Македонија и одговараа на новинарски прашања и прашања од интерес на јавноста.
Портпаролите соопштија дека заради превенција од евентуални поскапувања на основните прехранбени производи, на вчерашната седница Владата ја дополни Одлуката за определување највисоки цени на одделни производи во трговијата на големо и на мало, со уште три: ориз, јајца и тестенини. Цените на овие производи се замрзнуваат на ниво на цените до 1 декември и ќе важат до 31 јануари 2022 година.
На новинарско прашање, дали се планираат дополнителни мерки за производителите на ориз поради нивното изразено незадоволство поради замрзнувањето на цената на оризот, беше потенцирано дека мерката за замрзнување на цените на неколку основни прехранбени производи, меѓу кои и оризот е донесена за да се заштити стандардот на граѓаните, со тоа што ќе се превенира нагло зголемување на цените и дека оваа мерка е со ограничен рок до 31 јануари 2022 година. Беше посебно нагласено дека Владата последниве години покажа дека се грижи за оризопроизводителите и за поттик на производството. Субвенциите по обработлива површина со задолжително користење на сертифициран семенски материјал од 12.000 денари се зголемени двојно, на 24.000, а за оние производители на ориз без задолжителна употреба на сертифициран семенски материјал, субвенциите се зголемени од 6.000 на 18.000 денари. Доставени се и картички за зелена нафта, со цел да се помогне во намалувањето на производствените трошоци за земјоделска механизација. Дополнително, Владата ги исплати и субвенциите за полјоделски култури, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството во вредност од околу 640,5 милијарди денари, пари во кои влегуваат и субвенциите за оризопроизводителите, кои се исплатени на сметките на над 2.000 субјекти.
„За да се заштити јавното здравје и за да се рестартира економијата како јавен интерес, Владата ја усвои информацијата за набавка на вакцини против КОВИД–19 за идната година. Утврдена е потребата од набавка на 500.000 дози од производителот Фајзер, во кои ќе бидат вклучени и педијатриските дози во количина од 1% од вкупниот број деца во Република Северна Македонија на возраст од 5 до 12 години, односно околу 10.000 дози“, информираа портпаролите Арсовски и Хоџа.
По ова прашање, портпаролите додадоа дека Комитетот за имунизација и понатаму ќе ги следи препораките на Светската здравствена организација, а за количината, доколку е потребно и постои интерес ќе бидат набавени и дополнителни дози за оваа категорија граѓани, односно деца.
„Важно е да укажеме дека вакцинацијата се одвива без закажан термин и единствен услов за вакцинација на малолетните лица е задолжително да дојдат со родител или старател“, појаснија портпаролите.
На вчерашната редовна седница на Владата е донесена и Одлука за прогласување на дел од Малешево за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел и ова се однесува за површина од 11.460,89 хектари со три зони на заштитено подрачје за заштита и унапредување на природата.
Портпаролите соопштија и детали за вчера разгледаната и усвоена Информација за конституирање на Комитет за преговори и преговарачкиот тим за имплементација на проектот за изградба на Коридор 8 и Коридор 10 во Република Северна Македонија.
За членови на Комитетот за преговори се определени: првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП „Државни патишта“, Ејуп Рустеми.
Како посебен заклучок, Владата одлучи да достави допис до Собранието на Република Северна Македонија со барање да се номинира и претставник на најголемата опозициска партија, за член на овој Комитет.
Вчера е утврден и текстот на Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан, кој, по ратификацијата од Северна Македонија, Албанија и Србија, ќе овозможи граѓаните на трите земји слободно да се движат и да работат во секоја од нив.
Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан е резултат на Иницијативата „Отворен Балкан“.