Денеска е празнува Св. Василиј Велики, како следбеник на Исусовата вера, а ноќеска се прослави празвославна Стара нова година, почетокот на православната година по јулијанскиот календар. Покрај МПЦ, според јулијанскиот календар, православна Нова година слават и Српската и Руската црква, Ерусалимската патријаршија и дел од Света Гора.
Стара нова година и Василица традиционално со низа обичаи се прославуваат во Македонија. Најрадосни и највозбудени се децата кои ги негуваат старинските обичаи врзани за Василица. Со дренови гранчиња одат од врата до врата, тропаат и пеат василичарски песни, а домаќините пак ги даруваат. Дреновите гранчиња симболизираат здравје, како за домаќините, така и за целата година во домот и семејството да биде здрава година. Малите василичари добиваат дарови од домаќините, пари, бомбони, мандарини, чоколади…
Според обичаите, слично како за Бадник, за Василица семејството се собира на трпеза и се крши погача или пита со паричка. Симболиката на паричката е иста, односно се верува дека оној што ќе му падне ќе има среќна и бериќетна година.
