Поради продор на многу ладен воздух од север, врнежите кои ќе ги имаме во следните часови ќе се интензивираат, а снежната граница постепено ќе се спушта. Така, врнежите од дожд ќе преминат во снег и на пониските места, односно во градовите. Оваа временска промена ќе биде проследена со повремено засилен ветер, најпрвин од јужен, а потоа и од северен правец, кој локално ќе достигнува брзина и над 60 км/час.
Температурите значително ќе опаѓаат, а на повеќе места ќе се формира снежна покривка. Во западна Македонија, во градовите се очекува снежна покривка од 5 до 10 сантиметри, а локално и повеќе, додека на повисоките и планинските места таа ќе се зголеми за над 30 до 40 сантиметри. Во останатите делови од земјата снежната покривка ќе биде помала.
Локални врнежи од снег ќе има и утре (недела, 11 јануари), повторно проследени со засилен северен ветер.
Поради заладувањето и ниските температури, се очекува и појава на голомразица. Затоа се апелира на зголемена внимателност при патување, особено кон планинските превои. Во недела (11 јануари), како и во понеделник (12 јануари), во поголем дел од Македонија се очекуваат ледени денови, односно температурите и преку ден ќе останат под нулата. Особено студено утро се очекува во понеделник, кога температурите на повеќе места ќе се спуштаат околу, па и под -10 степени, а локално и до -15 степени. На повисоките и планинските места температурите ќе достигнат и до околу -20 степени.
Метео-прогноза на Славчо Попоски
