
Руската економија се соочува со најтешката криза од падот на Советскиот Сојуз во 1991 година, откако Западот воведе осакатувачки санкции врз речиси целиот руски финансиски и корпоративен систем по инвазијата на Москва на Украина.
Американскиот претседател Џо Бајден во вторникот воведе итна забрана за увоз на руска нафта и други енергенси како одмазда за инвазијата.
Русија претходно оваа недела предупреди дека цената на нафтата може да се искачи до над 300 долари за барел доколку Соединетите Американски Држави и Европската Унија го забранат увозот на нафта од Русија.
Русија вели дека Европа троши околу 500 милиони тони нафта годишно. Русија испорачува околу 30 отсто од тоа, или 150 милиони тони, како и 80 милиони тони петрохемикалии.
Рускиот претседател Владимир Путин вели дека „специјалната воена операција“ е од суштинско значење за да се осигури руската безбедност откако Соединетите Држави го проширија воениот сојуз на НАТО до руските граници и ги поддржаа прозападните лидери во Киев.
Украина вели дека се бори за своето постоење, а САД и нивните европски и азиски сојузници ја осудија руската инвазија.
Кина, втората по големина економија во светот, повика на воздржаност, но претседателот Си Џинпинг предупреди дека санкциите ќе ја забават светската економија.