HomeАктуелноСемејниот буџет под нов притисок: За основен живот во септември потребни речиси 70 илјади денари

Семејниот буџет под нов притисок: За основен живот во септември потребни речиси 70 илјади денари

Семејниот буџет под нов притисок: За основен живот во септември потребни речиси 70 илјади денари

Растот на трошоците повторно го притиска семејниот буџет. Според пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), на едно четиричлено семејство во септември му се потребни речиси 70 илјади денари за да ги покрие основните месечни потреби.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Во однос на претходниот месец, потребната сума е повисока за повеќе од 750 денари, додека на годишно ниво трошоците се зголемиле за над 4.000 денари.

Од ССМ посочуваат дека растот на трошоците не го следи доволно растот на приходите.

„Во март платата се покачи за 1.600 денари, а за една година, од периодот на едно покачување до друго, ние веќе имаме за 4.355 зголемување. Тоа значи дека во трошоците за живот на едно четиричлено семејство веќе му фалат за една година околу 3.000 денари“, вели Љупчо Радевски од ССМ.

Дополнителен товар имаат семејствата кои немаат сопствено домување. Со вклучен трошок за кирија, потребниот месечен буџет достигнува речиси 85 илјади денари.

Храната останува најголем трошок

Најголем дел од семејниот буџет и натаму оди за храна и пијалоци. Само за оваа категорија во септември се потребни повеќе од 25 илјади денари, што е околу 2.000 денари повеќе во споредба со истиот период минатата година.

Дополнителен трошок претставува и транспортот. Повисоките цени на горивата се одразуваат врз секојдневните издатоци, па според синдикалните пресметки, трошокот за превоз за една година е зголемен за околу 700 денари.

Од ССМ велат дека особено се чувствува товарот кај граѓаните кои секојдневно патуваат до работа, училиште или факултет.

„Владата презема конкретно некои мерки, но тоа е многу малку во однос на она што значи потребите на граѓаните. Еве само земете ако треба да патувате од Тетово до Скопје, автобуската карта е 250 денари. Значи 500 денари е во двата правци. За Велес е исто така. Да е платата поголема, тогаш не би ги ни забележувале тие 3, 4, 5 проценти. Значи мора да се земат конкретни мерки со коишто би се подобрил стандардот на граѓаните“, изјави Радевски.

Намалена акциза, пониско ДДВ за дизелот

Во обид да се намали влијанието на повисоките цени, Владата ја намали акцизата за бензините и дизелот, а неделава беше намалено и ДДВ-то за дизелот – од 18 на 10 проценти.

Кај прехранбените производи засега нема нови мерки.

Во меѓувреме, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, побара поддршка за предлогот минималната плата да изнесува 600 евра.

Тој оцени дека повисокиот минималец би бил неопходен за граѓаните кои зависат од најниските примања, а предложи и субвенционирање на придонесите за делот од зголемувањето на платите, со цел товарот за компаниите да биде помал.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на критиките од Филипче и ја оспорија синдикалната пресметка на трошоците.

Од партијата наведоа дека владината просечна потрошувачка кошница е околу 10 проценти поевтина од онаа што ја презентираат ССМ и синдикатот, оценувајќи дека економските показатели треба да се разгледуваат во поширок контекст.

Според владејачката партија, економијата продолжува да расте, а во земјата се очекуваат нови инвестиции и подобрување на животниот стандард.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.