По едномесечниот, продолжен зимски распуст, околу 255 илјади ученици денеска се враќаат во училишните клупи за второто полугодие од учебната 2021/2022 година. Поради влошената епидемилошката состојба и проценката дека земјата се наоѓа на врвот од КОВИД-заразата, наставата не почна на 20 јануари и беше одложена за десетина дена по препорака на Главниот координативен кризен штаб и со одлука на Владата.
И покрај пролонгираниот почеток, учебната 2021/2022 ќе заврши во редовниот термин – 10 јуни 2022 и за таа цел Владата на седница веќе го утврди бројот на наставни денови во вонредни околности. Во сите училишта (основни и средни) се утврдени 172 наставни денови, освен за средношколците во завршна година за кои се утврдени 158 поради нивните обврски за државната матура и полагањето на двата екстерни испита закажани за 4 и 13 јуни.
Ставот на надлежните во здравство и образование е учебната година, како и во првото полугодие, да продолжи со физичко присуство, со примена на антиковид-протоколите, така што и натаму резервни остануваат другите две сценарија што беа подготвени летото – настава на далечина и комбинирана настава со ротации на ученици во иста паралелка.
Првата детска амбасада „Меѓаши“, Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и опозициската ВМРО-ДПМНЕ деновиве бараа Владата да ја преиспита одлуката и наставата да продолжи онлајн затоа што се високи бројките на новозаразени со КОВИД-19, чести се и реинфекциите што се должи на брзото ширење на сојот омикрон.
Според министерот за здравство Беким Сали, одлуката е донесена откако е проценето дека епидемиолошката состојба дозволува настава со физичко присуство.
Во донесувањето на одлуката предвид е земен и повикот на УНИЦЕФ училиштата да бидат отворени поради придобивките од физичкото присуство на наставата. По одлуката на Владата од 17 јануари за одложување на стартот на второто полугодие, Канцеларијата на УНИЦЕФ во земјава веднаш повика тоа да биде привремена мерка.
Со претставништвото на УНИЦЕФ и со Комисијата за заразни болести се согласува и Сојузот на средношколци кој вчера ја поздрави одлуката за настава со физичко присуство. На Генерално собрание Сојузот едногласно го потврдил својот став од пред две години дека наставата треба да се одвива во училиштата, а во најлоша ситуација препорачува да биде комбинирана, а не целосно онлајн.