По повод 7 Ноември – Денот на ослободувањето на Охрид, денеска во Спомен-паркот на револуционерите беше оддадена почит на охридските борци.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, претпладнево се поклони и положи цвеќе во Спомен-паркот на револуционерите. Цвеќе положи и општинската делегација, како и други делегации на претставници од политичкиот и јавниот живот во градот.
Од Општина Охрид информираат дека во рамки на одбележувањето на празникот, вчера цвеќе било положено и пред спомен-обележјата од Народноослободителната борба кај Градските гробишта, во паркот пред Основниот суд и во дворот на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“.
Со овие чествувања Охрид го одбележува 82-годишниот јубилеј од ослободувањето на градот, со сеќавање на борците кои учествувале во Народноослободителната борба и го дале својот придонес во борбата за слобода.
7 Ноември е еден од најзначајните датуми во историјата на Охрид, а одбележувањето и годинава поминува со свечености и активности посветени на историското наследство на градот.
