HomeАктуелноШахпаска: После 40 години, децата од Кавадарци добиваат нова, современа и инклузивна детска градинка, со капацитет од 142 места.

Шахпаска: После 40 години, децата од Кавадарци добиваат нова, современа и инклузивна детска градинка, со капацитет од 142 места.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска присуствуваше на официјалното отворање на новата градинка „Сонце“ при ЈОУДГ „ Рада Поцева “ во Кавадарци. Градинката има услови да згрижи 142 деца од предучилишна возраст, распоредени во седум групи.
Министерката Шахпаска изрази задоволство што децата од оваа општина добиваат можност да посетуваат градинка која е изградена согласно најсовремените стандарди и овозможува квалитетен престој за децата од предучилишна возраст.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

„Децата од Кавадарци за првпат после 40 години, добиваат целосно нова детска градинка којашто целосно е финансирана од Министерството за труд и социјална политика, во склоп на Проектот за подобрување на социјалните услуги, поддржан од Светска банка, во вредност од 57.4 милиони денари. Таа е изградена согласно најсовремените стандарди за енергетска ефикасност и ќе користи и обновливи извори на енергија преку системот на сончеви колектори. Изминатиот период Владата и Министерството посветено работеа на остварување на социјалната реформа која всушност значи влог во човечкиот капитал, кој е најдолгорочната и најзначајната инвестиција на секоја Влада“, рече Шахпаска.

 

Според градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев овој проект е од големо значење за општина Кавадарци, бидејќи е реализиран според високите стандарди за ран детски развој и е една од најубавите и најсовремените градинки во земјата.
„Покрај големиот бенефит за дечињата, градинката ќе овозможи нови вработувања на воспитувачи и негуватели, односно цел персонал кој ќе се грижи за дечињата и за нивниот детски развој“, истакна Јанчев.

Директорката Цанка Добринова при претставувањето на новиот објект и новините во згрижувањето на деца од предучилишна возраст грижата за децата од оваа возраст ја посочи како една од најблагороднате професии.
„Горди сме што сега, во нови современи услуги ќе можеме да понудиме уште поквалитетна грижа за детскиот развој“, рече Добринова.

Градинката во Кавадарци е една од 10-те целосно нови градинки чија изградба е финансирана од Проектот за подобрување на социјалните услуги. Како дел од Проектот во тек е реконструкција, надградба и адаптација на уште 3 градинки, а 4 се веќе целосно завршени.

За 16 месеци, ова е 16-та градинка отворена од страна на Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Владата на Северна Македонија и соработка со општините.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.