HomeАктуелноЈаневска до првачињата: Освен знаење, побарајте и братче или сестриче

Јаневска до првачињата: Освен знаење, побарајте и братче или сестриче

Почетокот на учебната 2026/2027 година повторно ја отвори дебатата за демографската состојба во Македонија. Намалениот број новородени и континуираното иселување се одразуваат директно врз образовниот систем, каде годинава има стотици паралелки помалку и десетици училишта кои остануваат без ученици.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Според последните статистички податоци, во 2025 година се родени околу 15.800 деца, што е значително помалку во споредба со периодот пред неколку години, кога годишно се раѓаа над 22.000 новороденчиња. Разликата од неколку илјади деца веќе е видлива во училиштата низ државата.

На стартот на новата учебна година, Министерството за образование информира дека бројот на паралелки е намален за 433, од кои 222 во основното и 211 во средното образование. Воедно, 24 училишта се привремено затворени поради недостиг на ученици, додека вкупно 148 училишни објекти низ земјава остануваат празни, најчесто во руралните средини.

Министерката за образование Весна Јаневска истакна дека демографските предизвици не можат да се решат со едноставни мерки, но нагласи дека е неопходно да се подигне свеста за значењето на семејството и човечкиот капитал за развојот на државата.

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека демографскиот пад е главната причина за намалувањето на бројот на ученици, посочувајќи дека во споредба со периодот пред пандемијата денес се раѓаат околу 7.000 до 8.000 деца помалку годишно. Според него, тоа директно се пресликува во помал број паралелки и потреба од реорганизација на училишната мрежа.

Експертите предупредуваат дека доколку негативниот тренд продолжи, во наредните години ќе се зголеми бројот на училишта кои ќе мора да се спојуваат или затвораат. Освен нискиот наталитет, како дополнителен фактор се посочува и иселувањето на младите семејства во странство.

Иако властите најавуваат мерки за подобрување на демографската слика, бројките покажуваат дека Македонија се соочува со еден од најсериозните предизвици во последните децении – намалување на населението кое сè појасно се гледа во празните училишни клупи низ државата.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.