HomeАктуелно„Безбеден град“ од денеска во Охрид: Еве колкави се казните за сообраќајните прекршоци

„Безбеден град“ од денеска во Охрид: Еве колкави се казните за сообраќајните прекршоци

Од денеска, 12 октомври, започнува примената на системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“ на подрачјето што го покрива СВР Охрид. По завршувањето на техничките проверки и финалните тестирања, камерите се ставаат во функција, а регистрираните сообраќајни прекршоци ќе се санкционираат.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Од МВР соопштуваат дека по завршувањето на техничките проверки и финалните тестирања, камерите ќе бидат ставени во функција на сообраќајниците на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Охрид.

Со активирањето на системот се очекува засилена и континуирана контрола во сообраќајот, побрзо откривање на прекршоците, поголема дисциплина кај возачите и подобрување на безбедноста на патиштата.

„Безбеден град“ е во функција од 1 февруари годинава, а во почетниот период граѓаните биле известувани за прекршоците, додека системот се тестирал и унапредувал.

Според информациите што ги сподели министерот за внатрешни работи при неодамнешната посета на Охрид, бројот на повредени во сообраќајни несреќи годинава е намален за 20 проценти во споредба со истиот период лани, односно имало 34 жртви помалку.

Колкави се казните?

Според информациите на МВР, за пречекорување на брзината во населено место, каде дозволената брзина е до 50 km/h, односно по исклучок до 70 km/h каде што тоа е означено со сообраќаен знак, предвидени се:

  • до 10 km/h над дозволеното – 15 евра;
  • од 10 до 30 km/h – 50 евра;
  • од 30 до 50 km/h – 300 евра и забрана за управување од три до 12 месеци.

Надвор од населено место, глобата за пречекорување до 30 km/h е 20 евра, од 30 до 50 km/h – 50 евра, а за пречекорување од 50 до 70 km/h следува глоба од 300 евра и забрана за управување од три до 12 месеци.

За поминување на црвено светло предвидена е глоба од 250 евра, како и забрана за управување со моторно возило од три до 12 месеци.

За учество во сообраќај со нерегистрирано возило, односно без важечка сообраќајна дозвола или регистарски таблици, глобата достигнува 500 евра. Доколку важноста на сообраќајната дозвола е истечена до 30 дена, глобата е 100 евра.

Предвидена е и можност за намалување на паричната санкција, при плаќање во рок од осум дена се плаќа 50 проценти од изречената глоба.

Од МВР апелираат возачите доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и со одговорно однесување да придонесат за поголема безбедност во сообраќајот.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.