HomeАктуелноБогата спортска и културна програма на четвртото издание на Ohrid Water Festival во Охрид

Богата спортска и културна програма на четвртото издание на Ohrid Water Festival во Охрид

Oд утре до 30-ти август 2026 година во Охрид ќе се одржува четвртото издание на Ohrid Water Festival кој вклучува голем број спортски настани на вода и богата социјално-едукативна програма.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Градоначалникот Кирил Пецаков истакна дека е задоволен што Ohrid Water Festival од една храбра идеја, успеа да прерасне во автентичен спортски бренд.

Втората половина на август во Охрид веќе е препознатлива по водените спортови, спортските предизвици и активностите поврзани со нашето езеро. Тоа е вистинската насоката во која сакаме да се развива нашиот град, кој покрај своето природно и културно наследство, има што да понуди и на љубителите на спортот, активниот туризам и здравиот начин на живот.

Од 12-ти до 30-ти август, Охридското Езеро повторно ќе биде сцена на голем број спортски и рекреативни активности, а Ohrid Water Festival ќе понуди содржини за различни генерации, различни интереси и различни нивоа на спортска подготвеност.

Секако, круна на целата фестивалска програма и оваа година ќе биде Охридскиот пливачки маратон, како еден од најзначајните и најпрепознатливи спортски настани поврзани со Охрид. Традицијата на маратонот и неговата уникатна врска со Охридското Езеро се вредност која треба да ја негуваме и дополнително да ја афирмираме.

Сакам да изразам благодарност до сите охридски клубови, спортисти, спортски работници, организатори, партнери и институции кои се дел од оваа приказна. Токму вашата посветеност покажува дека кога постои заедничка визија, Охрид има капацитет да креира квалитетни настани. Веќе создадовме една нова спортска традиција. Сега е време таа традиција да ја развиваме и да и дадеме уште поголема вредност.

Ги поканувам сите наши сограѓани, гостите од земјава и странство, љубителите на спортот и забавата да бидат дел од четвртото издание на Ohrid Water Festival. Да уживаме во водените спортови и да покажеме дека Охрид не е само град на езеро, туку Охрид е град кој живее со езерото, истакна Пецаков на денешната Прес-конференција за медиумите.

Според најавите, охриѓани и гостите ќе имаат можност да проследат повеќе од 20 спортски настани меѓу кои Охридскиот пливачки маратон, Меѓународната едриличарска регата, Меѓународната кајак регата, Меѓународниот Ватерполо Турнир, Суп Јога на вода, Меѓународниот ОВФ Пливачки митинг, СУП маратон, Балканското Првенство во маратонско пливање. Исто така ќе бидат организирани Суп Трки со даски за стоечко веслање, Подводна штафета за мир, Регата со традиционални охридски кајчиња, Акватлон, Натпревар во спортски риболов,  Промоција на рекреативно нуркање за деца и други настани.

Забавниот дел на фестивалот ќе стартува на 26-ти август со коцерт на Ѓоко Танески. На 27-ми август предвиден е концерт на учесниците од детскиот фестивал „Златно Славејче“, а на 28-ми август ќе настапи групата „Везилка“. Во рамки на музичкиот дел од програмата на 30-ти август ќе се одржи концерт на групата „Нокаут“. Концертите ќе се одржуваат на платото пред Хотел „Палас“.

Ohrid Water Festival се организира под покровителство на Oпштина Охрид и е поддржан од неколку општествено одговорни компании.

 

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.