
Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ објави потресна порака со сочувство до семејството на пејачот Владимир Блажев – Панчо од групата ДНК.
Панчо е 63-та жртва од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, изразувајќи болка, солидарност и повик за правда за сите младешки животи што беа одземени.
„Изразуваме најдлабоко сочувство до семејството на Владимир Блажев Панчо, Бог да Ви дава сила.
Со длабока тага и солзи во очите ја примивме веста за загубата на уште еден млад живот – Владимир Блажев, Панчо, талентиран пејач од групата ДНК, 63-та жртва од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Млад човек, со сонувања, со музика и со енергија што допираше срца, сега замина предвреме, оставајќи празнина која не може да се пополни.
Како родители, кои ја почувствувавме најголемата болка од губење на нашите деца, ја знаеме бездната на тага што останува зад себе. Вашата болка е наша болка. Вашата загуба е наша загуба. Ги чувствуваме секоја солза, секој нем збор, секој празен момент што го остава оваа трагедија.
Ова не е само број – ова е живот одземен, живот што носеше радост и надеж. Колку уште срца ќе бидат скршени, директно или индиректно? Колку уште семејства ќе бидат погодени од оваа ужасна трагедија? Правдата мора да се извојува! За Панчо, за секоја жртва, за секој млад живот што беше одземен, за секој родител што плаче.
Почивај во мир, Панчо. Нека ти е светол патот до Царството Небесно.
Пренеси им поздрав и порака на нашите ангели дека засекогаш ќе останат во нашите срца. А ние нема да молчиме – правдата мора да дојде!“, се вели во потресната објава на „Фејсбук“.