
Во Лазарополе утрово падна првиот снег, а снежни врнежи беа забележани и на Попова Шапка. Сцените од белите покривки за овој период од годината веќе ги преплавија социјалните мрежи.
На планинските предели, особено на Маврово и Попова Шапка, падна првиот снег за оваа есен, а на некои места веќе се формира тенка бела покривка која се очекува да се зголеми до 15 сантиметри.
За многумина, ова е прв сигнал дека зимата полека се приближува. Снежните врнежи на повисоките планини не се невообичаени за овој период, но со оглед на тоа дека снегот се појави уште во октомври, метеоролозите најавуваат дека оваа зима би можела да донесе некои изненадувања. На пониските места, како Скопје, продолжуваат врнежите од дожд, а температурите денеска се значително пониски од вообичаеното за овој период.
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информира дека денеска времето ќе биде облачно и студено со врнежи од дожд, кои на повеќе места ќе бидат обилни. На планините врнежите од дожд ќе преминат во снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, облачно и студено со повремени врнежи од дожд, повремено пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде 10, а максималната ќе достигне само до 11 степени.

created by InCollage
АД ЕСМ информира дека од денеска, 2 октомври, започнува грејната сезона за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во Скопје.
Иако грејната сезона официјално почнува на 15 октомври, регулативата предвидува почеток и порано доколку прогнозата за средна дневна температура е еднаква или пониска од 12˚C. Според Управата за хидрометеоролошки работи, за денеска е најавена средна температура од 10˚C, со што се исполнети условите за производство и испорака на топлинска енергија.
До 15 октомври, на веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавува дали има услови за испорака на топлинска енергија за наредниот ден.

Од компанијата апелираат до корисниците да ги завршат потребните поправки на внатрешните грејни инсталации, а заедниците на сопственици да обезбедат пристап до потстаниците, редовно електрично напојување и платени сметки за струја. Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи.
Сите потрошувачи можат да проверат дали нивниот објект е на списокот на затворени објекти без услови за испорака на топлина на линкот „Затворени објекти – ЕСМ Снабдување“.