Премиерот Христијан Мицкоски, денеска преку објава изрази длабока почит и сочувство по повод одбележувањето на „Ден на сеќавање – 16 март 2025“ во Кочани.
Во својата објава тој истакна дека денешниот ден е момент на тивка, но длабока почит кон невините животи кои прерано згаснале. Тој нагласи дека и една година подоцна болката и празнината сè уште се чувствуваат, но заедно со нив живее и сеќавањето на недовршените соништа.
Премиерот посочи дека со голема почит се потпишал во книгата на жалост како искрен чин на почит кон настраданите и како израз на солидарност со нивните семејства. Воедно, тој присуствувал и на комеморативниот настан „Ден на сеќавање – 16 март 2025“, кој се одржал во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани.
„Нека споменот за нив остане вечен, а нашата заедничка човечност и единство нека бидат сила што ќе нè води напред“, порача Мицкоски во својата објава.
Тој упати и порака на длабоко сочувство до семејствата на настраданите, нагласувајќи дека споменот за трагедијата ќе остане трајно врежан во колективната меморија.
„Кочани памети, Македонија памети“, стои во пораката на премиерот.
