Во келијата на првообвинетиот Дејан Јованов, сопственик на дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде на 16 март годинава избувна пожар во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, бил пронајден мобилен телефон со СИМ-картичка.
На почетокот на денешното рочиште, судијката Дијана Груевска Илиевска информираше дека Судот добил известување оти при контрола во келијата на Јованов, кој се наоѓа во притвор во затворот во Куманово, бил откриен мобилен телефон „Нокиа“ со активна СИМ-картичка.
– Не знам кој ви ги носи, но сега давам опомена. Да не се повтори. Следниот пат ќе забранам посети – го укори првообвинетиот судијката Груевска Илиевска.
Денешното рочиште започна со околу половина час задоцнување поради доцнење на еден од адвокатите на одбраната. Согласно распоредот, треба да бидат сослушани тројца сведоци – законски застапници на оштетените.
На претходното рочиште започна доказната постапка со сослушување сведоци предложени од обвинителството. Прв сведочеше сопственик на автолимарски сервис кој се наоѓа веднаш до дискотеката „Пулс“. Тој сведочеше за реновирањето на објектот од аспект на сосед, како и за случувањата во трагичната ноќ кога избувна пожарот.
Сите обвинети на почетокот на судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата. Дел од нив изразија сочувство до семејствата на жртвите, но останаа на ставот дека не сториле „тешки дела против општата сигурност“.
Во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев нагласи дека судењето претставува чекор кон утврдување и лична и институционална одговорност. Тој истакна дека општеството мора да се соочи со прашањата – кој дозволил, кој молчел и кој не спречил да се случи трагедијата во „Пулс“.
Според Јанев, не е пресудно само кој го предизвикал пожарот, туку и кој имал можност да го спречи. Тој потенцираше дека трагедијата не е последица исклучиво на употребата на пиротехнички средства, туку резултат на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола, кои ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“.
Обвинителството, како што беше посочено, бара правда не како одмазда, туку како последица на незаконско постапување и занемарување на службената должност.
Одбраната на повеќемина обвинети ја оспори основаноста на обвинението, тврдејќи дека тие не презеле дејствија што би можеле да доведат до пожарот, дека располагале со валидна документација и дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на индивидуална вина. Најавено е изведување докази и сведоци во прилог на овие тврдења.
Во воведниот збор, одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов наведе дека тој и по девет месеци притвор не може да се помири со трагедијата и дека како родител никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот. Одбраната на неговиот син, третообвинетиот Михаил Јованов, тврди дека против него нема ниту еден конкретен доказ и дека е обвинет исклучиво поради семејната поврзаност.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а биле активирани пиротехнички средства без соодветна дозвола. Според обвинението, дискотеката работела незаконски повеќе од една деценија, без исполнети минимално-технички услови, со изведени реконструкции без дозволи и без функционален систем за противпожарна заштита.
