Во рамки на проектот „Културата расте со децата“, на 07 август 2026 година (петок), со почеток во 20:00 часот, на плоштадот „Вангел Наумоски“ (мини маркет) ќе се одржи детската театарска претстава „Најдобриот непријател“.
Претставата ја следи приказната за веселиот и добродушен Соник, кој пристигнува во една далечна џунгла со желба да стекне нов пријател. Наместо топло добредојде, го пречекува лавот Мики, кој има сосема поинаков план. Следува забавна и интерактивна авантура исполнета со хумор, музика, неочекувани пресврти и активна комуникација со публиката.
Низ интересна и поучна приказна, претставата ги поттикнува децата да ги препознаваат и изразуваат своите емоции, да ја разберат важноста на емпатијата, довербата, простувањето и вистинското пријателство, како и да научат дека конфликтите можат да се решаваат со разбирање и добрина.
Ги покануваме сите дечиња и нивните родители да бидат дел од оваа незаборавна театарска вечер исполнета со смеа, забава и вредни животни пораки.
