Британскиот премиер Борис Џонсон денеска разговарал со претседателот на ториевците и одлучил да поднесе оставка, јавуваат британските медиуми.
Тој вели дека сака нов лидер на ториевците до партиската конференција и дека сака да остане премиер дотогаш. Оваа одлука на Џонсон доаѓа откако голем број владини преставници поднесоа оставки во последните 24 часа.
Пратеникот Тобијас Елвуд реагираше на ударната вест за планираната оставка на Борис Џонсон.
Драго ми е што ја препозна штетата што беше направена не само на партискиот бренд, туку и на нашите меѓународни акции“, изјави тој за британските медиуми. Елвуд додава дека партијата сега мора „веднаш да се прегрупира“.
Во последните 24 часа повеќе од 40 претставници од Владата на Џонсон и парламентот поднесоа оставки.
Британскиот премиер Борис Џонсон вчера го разреши министерот за домување, градежништво и заедници Мајкл Гов , кој го повика премиерот да поднесе оставка, објави Би-Би-Си.
Џонсон вчера му се спротистави на притисокот од министрите да поднесе оставка и на се поголемиот револт во Конзервативната партија, велејќи дека ќе се спротивстави на секој обид за негова смена.
По повеќе од 40 оставки и отворениот бунт од многу конзервативни пратеници, некои министри отидоа на Даунинг стрит за да му порачаат на премиерот Џонсон дека мора да замине, рече изворот.
Еден од нив го охрабри премиерот самиот да се пензионира со чест, наместо да се соочи со гласање за доверба. Многу претставници порачаа дека веќе не е прашање дали мора да си замине, туку кога ќе замине.
Синоќа, генералниот адвокат за Англија и Велс, Суела Браверман, го повика Џонсон да поднесе оставка и стана првиот член на кабинетот и на Конзервативната партија што објави дека ќе се кандидира.
– Мислам дека е дојдено време за оставка на премиерот – изјави Браверман за ИТВ и додаде дека ќе се кандидира доколку дојде до лидерска борба.
