HomeАктуелноПендаровски: Вложувањето во нашата полиција е влог во нашата безбедна сегашност и иднина

Пендаровски: Вложувањето во нашата полиција е влог во нашата безбедна сегашност и иднина

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на церемонијата што се одржа во Центарот за обука во Идризово по повод промоцијата на новите полициски службеници.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

– Дозволете најпрво да се заблагодарам на можноста да присуствувам и да се обратам на денешната церемонија во Центарот за обука во Идризово по повод промоцијата на новите полициски службеници.

Несомнено станува збор за особено значаен настан не само за македонската полиција, но, и воопшто за Република Северна Македонија. Припадниците на Министерството за внатрешни работи се гарант за јавниот рeд и мир, за нашата безбедност и сигурност. Во изминативе три децении изградивме високо професионална полиција во чии редови се најдобрите и најподготвените, кои професионално, достоинствено и со личен интегритет ги извршуваат своите задачи, секогаш ставајќи се на располагање на граѓаните и нивните потреби.

Со секоја нова генерација на полициски службеници доаѓа и нова енергија, нова посветеност и решителност. Токму во вас, новите 590 полициски службеници, мажи и жени, гледаме мотивирани, посветени професионалци кои одговорно и доследно ќе ги извршуваат своите задолженија, ќе ѝ служат на својата земја и ќе го штитат животот и имотот на своите сограѓани.

Од денес во ваши раце ќе биде сигурноста и безбедноста на целата заедница, во ваши раце ќе биде зачувувањето на мирот во земјата и спокојниот живот на граѓаните. Без разлика на родовата, етничката или верска припадност вие носите иста униформа, дел сте од истата институција и заеднички ќе се борите против заедничкиот непријател на нашата заедничка држава, а тоа е криминалот. Ако сте подготвени, солидарни и максимално пожртвувани не се сомневам дека ќе дадете сѐ од себе во исполнувањето на обврските кон службата и кон татковината.

Живееме во сложени времиња кои бараат постојана будност и континуиран ангажман. И ние, како и целиот свет ги чувствуваме последиците од војните, од конфликтите, од пандемијата, од енергетските и финансиски кризи, од тензиите во меѓународните односи. Пандемијата на Ковид-19 која сѐ уште не е завршена и претставува отворена закана за здравјето на граѓаните на тест ги стави  нашите здравствени работници, но, и сите припадници на МВР. Токму нашата полиција со деноноќен ангажман се грижеше за имплементација на рестриктивните мерки, полициските часови, задолжителниот карантин, сѐ во функција на спречување на ширењето на вирусот и заштита на најранливите.

Нашите полициски сили, и ова лето, како и во изминатите години се на располагање при гаснење на пожарите и спречување на нивно ширење и загрозување на човечките животи. Припадниците на македонската полиција ги чуваат нашите граници и го спречуваат криумчарењето на мигранти, кое иако со намален интензитет не е престанато. Македонската полиција има клучна улога и во сузбивањето на организираниот криминал кој е сериозен предизвик, но, е обучена да се справи и со останатите закани, како што се тероризмот, хибридните закани или сајбер-криминалот.

Имајќи ги предвид комплексните задачи што законите ги поставуваат пред Министерството за внатрешни работи, апсолутен предуслов е и понатаму да ги унапредуваме условите за работа на полициските службеници, да овозможиме стручни обуки заради унапредување на нивните вештини и знаења. Секако, при тоа, е круцијално правично финансиско вреднување на нивниот вложен труд.  Верувам дека за сите овие работи имаме постигнато консензус и разбирање дека вложувањето во нашата полиција е влог во нашата безбедна сегашност и иднина.

На крајот, дозволете уште еднаш на сите нови припадници на македонската полиција да им честитам за успешно завршената обука и да им посакам успех во понатамошната работа. Секако, освен професионално напредување и развој, сакам на личен план да ви посакам добро здравје и среќа и за вас и за вашите семејства, кажа Пендаровски.

Пендаровски на сите нови припадници на македонската полиција им честиташе за успешно завршената обука и им посака успех во понатамошната работа.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.