Меѓу охридските чудотворци, свети Климент и свети Наум, почесно место му припаѓа на свети Еразмо. Свети Еразмо бил роден во Антиохија (Сирија). Точно кога бил роден не се знае, но живеел во времето на најсуровите противници на христијанството – царевите Диоклецијан (284-305) и Максимијан (286-305) т.е. пред официјалното признавање на христијанството од цар Константин (312).
Житијата на св. Еразмо не даваат податоци за неговите родители, зошто го избрал патот на страдалништвото и што било пресудно за млад да стане епископ не по негова волја.
Свети Еразмо бил млад, убав, од ангелски сој, со богат дух, “очите му биле како сончеви зраци”, со мирен и благ глас, но остар против неговите мачители, на нивната злоба и пркосел без никаков сомнеж во поддршката на Исус Христос.
Во градот Антиохија, Диоклецијан вршел нечујни прогони на христијаните. Плашејќи се да не не може да ги издржи измачувањата, за да не го посрами својот Бог Исус Христос, св. Еразмо 7 години се повлекол во пустината. Направил многу чуда на планината Либанон. Храна од небото му носел сокол (според некои автори: гавран).
Дивите ѕверови доаѓале во неговата пештера на поклон, зборувал со ангелите, но од небото слушнал глас:
„Еразмо, слези оттаму и појди во татковината”.
Денеска е Св. Еразмо Охридски.
Овој светител беше родум од Антиохија, а живееше за време на царевите Диоклецијан и Максимијан. Се подвизуваше на Ливанската планина, а во Охрид дојде веќе како епископ за да го проповеда Евангелието. Во тоа време Охрид се уште беше пагански град. Тука со молитва го воскресна синот на некој си Анастас, кој потоа се крсти.
Поради неговата проповед многумина поверуваа во Христа, па во Охрид тогаш пропаднаа скоро сите идолски жртвеници. Заради тоа светителот беше изведен пред суд од страна на Максимијан и затворен. Но, ангел го ослободи од затворот, како некогаш апостолот Петар. Потоа свети Еразмо за некое време замина во Кампања, а најпосле се повлече во градот Хермелија. Тука во мир го предаде својот дух на Бога во 303 година.
