Жртва на семејно и сексуално насилство сподели потресно сведоштво со жените од АФЖ Левица, на почетокот на кампањата „16 дена активизам“. Таа откри дека поставила евтина спирала бидејќи, како што вели, поради насилството живеела на раб на егзистенцијата и не можела да си дозволи подобра контрацепција.
„Ставив евтина спирала и почнав да отекувам… Спиралата ја ставив пред 4–5 години, а пред некој ден видов дека прснала. Сè околу неа загноило и целата сум отечена. Последиците беа сериозни и морав итно да одам на операција“, сведочи жената.
Таа прашува зошто државата не субвенционира квалитетни контрацептивни средства за жени – жртви на семејно насилство, за да не бидат принудени да користат евтини и ризични опции. Поддршка, како што додава, најмногу добива од организации и од АФЖ Левица, од пратеничката Јована Мојсоска – но не и од државните институции.
Од АФЖ Левица велат дека целосно стојат зад барањето за обезбедување квалитетна контрацепција за жртвите и дека континуирано ќе ги застапуваат нивните интереси.
Кампањата на АФЖ, под слоганот „Не трпи! Не молчи! Едуцирај се, охрабри се! Делувај!“, има цел да ги обелодени случаите на родово базирано и институционално насилство, но и да понуди едукација преку онлајн активности поврзани со Истанбулската конвенција.
Од организацијата предупредуваат дека насилството во државата е во пораст, системските механизми се распаѓаат, а фемицидот станува сè почест. „Стоп за насилството!“, апелираат од АФЖ Левица.
