Фејсбук, една од највлијателните социјални мрежи во историјата на интернетот, вчера одбележа 22 години од своето основање. Социјалната мрежа беше создадена на 4 февруари 2004 година на Универзитетот Харвард од Марк Закерберг, заедно со неговите колеги Едуардо Саверин, Дастин Московиц, Ендру МекКолум и Крис Хјуз, кои одиграа клучна улога во нејзината рана фаза на развој.
Првично, платформата го носела името „Д Фејсбук“ (TheFacebook) и била достапна исклучиво за студентите на Харвард. Поради брзиот интерес, пристапот наскоро бил проширен на други универзитети, а потоа и на широка јавност. По повод годишнината, основачот Марк Закерберг на својата официјална страница објави порака со зборовите: „22 години поминаа брзо“, потсетувајќи на скромните почетоци на платформата.
Во изминатите две децении, Фејсбук прерасна од студентски проект во глобална комуникациска платформа со повеќе од две милијарди активни корисници, радикално менувајќи го начинот на кој луѓето комуницираат, разменуваат информации и консумираат содржини.
Во 2021 година, матичната компанија го промени своето име во „Мета Платформс“ (Meta Platforms), сигнализирајќи насочување кон развој на нови технологии, проширени реалности и виртуелни простори. Сепак, Фејсбук и понатаму останува една од највлијателните и најкористените услуги во дигиталниот свет.
За настанувањето и раниот развој на социјалната мрежа, во 2010 година беше снимен филмот „Социјалната мрежа“, во режија на Дејвид Финчер, базиран на книгата на Бен Мезрич. Филмот ги прикажува почетоците на платформата, односите меѓу нејзините основачи, како и правните и личните конфликти што го следеле нејзиниот стремеж кон глобален успех. Иако не е целосно документарно точен, филмот имаше големо културно влијание и освои бројни престижни награди.
