Шокантни се податоците дека во 2025 година биле пријавени 4.745 случаи на семејно насилство и шест убиства, додека само во првите два месеца од 2026 година веќе се регистрирани четири случаи на фемицид. Овие алармантни бројки, според претседателката Гордана Сиљановска Давкова, се доказ дека најосновното човеково право – правото на живот – е сериозно загрозено.
Говорејќи на пленарната седница во Собранието „Правата и можностите на жените – достигнувања и перспективи“, организирана по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, претседателката истакна дека зад статистиката се кријат трагични животни приказни, семејни драми и изгубени иднини.
„Страшно е секој 8 март да броиме нови жртви, да анализираме исти проблеми и повторно да предлагаме мерки кои со години остануваат неприменети. По трагичната смрт на Ивана и Катја, тешко е овој ден да се доживее како празник“, рече таа.
Сиљановска Давкова нагласи дека клучен момент е моментот на пријавување на насилството. Ако жртвата се соочи со разбирање и поддршка од институциите, ќе се охрабри да се избори за себе. Но ако наиде на рамнодушност или оправдување на насилството, таа ќе се повлече и ќе продолжи да трпи.
Според неа, обучените и сензибилизирани полицајци, социјални работници и судии можат да бидат „активни спасители“, но во спротивно ризикуваат да станат пасивни соучесници во трагедиите.
„Фемицидот не е ненадеен изблик на гнев, туку кулминација на долг процес на психолошки притисок, манипулација и страв. До кога ќе жалиме по трагедиите наместо навреме да ги спречуваме?“, праша претседателката.
Таа додаде дека државата има обврска да воспостави функционален систем за превенција, заштита и санкционирање на насилството врз жените, во согласност со обврските од Истанбулската конвенција.
„Жените не очекуваат само рози за 8 Март, туку трајна сигурност и систем што ќе ги заштити нивните права и достоинство“, порача Сиљановска Давкова.
