Православните верници утре ќе го прослават празникот Младенци, во спомен на страдањата на Светите четириесет Севастиски маченици.
Младенци е ден на пролетта, младоста, љубовта и верноста на младите брачни парови – празник кој потсетува на силата на верата и жртвата. Овие маченици, кои пострадале во 320 година поради Христовата вера, биле млади луѓе, па затоа народот го прифатил овој ден како симбол на нов почеток, надеж и заедништво.
Според традицијата, младите сопружници на овој ден примаат гости во својот дом. Гостите носат подароци како знак на поддршка, а домаќинките ги покажуваат своите умешности преку подготовка на посна трпеза. Посебно место имаат „младенчињата“ – колачиња премачкани со мед, кои симболизираат сладок, долг и благословен брачен живот.
Празникот секогаш се паѓа за време на Велигденските пости, па затоа храната е посна, што носи и духовна порака за воздржаност, трпение и чистота во заедничкиот живот.
Со одбележувањето на овој ден, Црквата нè потсетува дека вистинската љубов се темели на почит, верност и жртва. Како што мачениците останале верни на верата, така и сопружниците треба да бидат поддршка еден на друг во сите животни искушенија.
Нека овој празник донесе мир, љубов и благосостојба во секој дом, а на младите брачни парови – многу среќа, разбирање и заеднички убави години исполнети со радост и хармонија.
