Православните верници денес го одбележуваат празникот посветен на Св. пророк Еремија, кој во народната традиција важи за еден од најзначајните пролетни празници.
Со овој ден се поврзани бројни стари обичаи и верувања, особено за заштита од змии, гуштери и други влекачи. Во минатото, вечерта спроти празникот луѓето палеле оган и чаделе околу домовите и дворовите, верувајќи дека така ги бркаат „лошите сили“ и штетниците.
Во некои делови од Македонија се изговарале и познатите зборови:
„Бегај, бегај поганијо, ете ти го Еремија“ – како симболична порака за заштита на домот и семејството.
Според народните верувања, на денешниот ден не се фаќале змии, не се копала земја и се избегнувале одредени работи во природа, за да не се „разбудат“ влекачите.
Св. Еремија бил старозаветен пророк кој живеел неколку векови пред Христос, а народот го почитувал како заштитник од несреќи, болести и опасности.
И денес, иако многу од старите обичаи полека исчезнуваат, празникот останува дел од македонската духовна и народна традиција.
