По повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, во своето обраќање, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека образованието, јазикот и културата се клучни столбови на македонскиот идентитет и државност.
Свеченоста се одржа во присуство на претставници на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, меѓу кои и епископот хераклејски г. Климент, како и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите.
Мицкоски нагласи дека делото на Светите браќа не е само историски спомен, туку темел на цивилизациска идеја – правото на секој народ да создава, учи и се изразува на свој јазик. Тој порача дека словото претставува „паметење, идентитет и духовен дом на еден народ“.
Во говорот беше истакнато дека мисијата на Кирил и Методиј и нивните ученици претставува „победа на знаењето над незнаењето“ и основа на духовниот и културниот развој на словенските народи.
Премиерот се осврна и на современите предизвици, нагласувајќи дека технолошкиот развој носи напредок, но и ризик од површност и губење на вредностите. Според него, потребно е образование кое ќе создава критичко мислење, вредности и карактер, а не само формални дипломи.
Посебен акцент беше ставен и на борбата против корупцијата и потребата од побрза и поефикасна правда, при што беше нагласено дека институциите мора да испорачуваат резултати без одложувања.
Во делот за надворешната политика, Мицкоски порача дека европската интеграција останува стратешка цел, но дека државата мора да го зачува својот идентитет и достоинство.
Тој упати повик за обединување на општеството околу националните и образовните приоритети, нагласувајќи дека иднината на државата зависи од квалитетот на образованието и младите генерации.
„Народ што има слово, култура и образование никогаш не е мал народ“, порача Мицкоски, додавајќи дека Македонија мора да продолжи да се гради како општество базирано на знаење, вредности и единство.
