Германија со години се соочува со сериозна станбена криза – нови станови нема доволно, кириите растат, а луѓето сè поретко ги напуштаат становите што веќе ги имаат, дури и кога повеќе не им се потребни. Во градот Мајнц сега се обидуваат барем делумно да го ублажат проблемот со необичен модел на замена на станови меѓу постари лица и семејства.
Општинското станбено претпријатие во Мајнц покрена програма наменета за постари закупци на кои големите станови веќе не им се потребни, бидејќи нивните деца се отселиле. Идејата е тие да се преселат во помали станови, додека поголемите простори да им станат достапни на семејства кои со години безуспешно бараат четворособни станови.
Нов стан, иста кирија и бонус од 1.500 евра
Според градското станбено претпријатие, клучната погодност е што постарите закупци ја задржуваат досегашната кирија иако се селат во нов стан. Дополнително, добиваат и бонус за преселба од 1.500 евра.
На пример, станар кој плаќа 850 евра за четворособен стан од 85 квадратни метри може да се пресели во помал стан со иста кирија според стариот договор, но со пониски вкупни трошоци за греење, струја и одржување.
Семејствата не можат да најдат поголеми станови
Проценките покажуваат дека неколку илјади постари закупци би можеле да се преселат во помали станови, додека истовремено голем број семејства не успеваат да најдат доволно простор за живеење.
Програмата е замислена како пилот-проект кој ќе трае две години и ќе опфати околу 100 станови. Целта не е профит, туку обид да се намали притисокот на пазарот на недвижности.
