Истражувачката агенција „ВиСквер“ објави информации според кои поранешниот македонски премиер Никола Груевски наводно поседува унгарско државјанство, што, според нивните тврдења, му овозможува значително посилна правна заштита од политичкиот азил што го доби по бегството од Македонија во 2018 година.
Во објавата на агенцијата се наведува дека случајот на Груевски е дел од поширок контекст поврзан со политиките на унгарскиот премиер Виктор Орбан и начинот на кој Унгарија им обезбедува заштита на политички личности.
„Го откриваме случајот на еден од најдолго заштитуваните бегалци на Орбан – поранешниот премиер на Северна Македонија, Никола Груевски, кој ужива многу посилна правна заштита во Унгарија“, стои во дел од објавата на „ВиСквер“.
По информациите што се појавија во јавноста, од Министерството за правда соопштија дека внимателно ја следат состојбата, но нагласуваат дека без разлика на евентуалниот статус во Унгарија, Груевски останува државјанин на Република Северна Македонија и лице за кое постојат правосилни судски пресуди и активни судски постапки.
Од Министерството додаваат дека постапката за негова екстрадиција продолжува согласно домашното законодавство, билатералните договори и меѓународните конвенции, а институциите ќе продолжат со правните и дипломатските активности во комуникација со унгарските власти.
Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги наводите, изјави дека во моментов нема информации поврзани со случајот.
Можноста Груевски да поседува унгарско државјанство дополнително би можела да ја усложни постапката за негова екстрадиција, особено ако тој и понатаму престојува во Унгарија. Тој ја напушти Македонија во ноември 2018 година, непосредно пред издржувањето на затворската казна за случајот „Тенк“, по што доби политички азил во Унгарија.
