Со пригодна свеченост денес во Охрид беше одбележан големиот јубилеј – 300 години од постоењето на Саат кулата, еден од најпрепознатливите симболи на градот и значаен дел од охридското културно наследство.
По повод јубилејот, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, истакна дека Саат кулата не е само архитектонски споменик, туку и жив сведок на вековите, традицијата и животот во Охрид.
„300 години Саат кулата во Охрид — 300 години сведоштво за времето, традицијата и духот на нашиот град. Денес со особена чест и гордост одбележавме значаен јубилеј на еден од најпрепознатливите симболи на Охрид“, порача Пецаков.
Тој нагласи дека низ отчукувањата на Саат кулата се испишани приказните на многу генерации охриѓани, трговци, занаетчии, рибари и патници кои го граделе духот на градот низ вековите.

Според градоначалникот, обврска на сегашните генерации е да го зачуваат и негуваат културното наследство, бидејќи токму преку него се раскажува приказната за идентитетот и вредностите на Охрид.
„Додека чука саатот на Саат кулата, чука и срцето на вечниот Охрид“, истакна Пецаков во своето обраќање.
Саат кулата со векови претставува еден од најзначајните белези на старото градско јадро и симбол на препознатливоста на Охрид.
