Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, оствари средба со потпретседателот на Европска ракометна федерација, Предраг Бошковиќ, на која се разговарало за иднината на ракометот, претстојниот финален натпревар и развојот на ГРК Охрид.
Пецаков истакна дека средбата претставувала голема чест и можност за размена на мислења околу перспективите на спортот во градот. Посебен акцент бил ставен на амбициозните планови на ГРК Охрид, како и на успехот што клубот го бележи во изминатиот период.
Според градоначалникот, особено значајни се честитките и признанијата што ги добиле од раководството на ЕХФ за проектот што го реализира Охрид и за досегашните спортски резултати.
„Тоа е силна потврда дека се движиме во вистинската насока. Ракометот во Охрид има светла иднина, а ние продолжуваме да работиме уште посилно за нови победи и успеси“, порача Пецаков.
Средбата доаѓа во пресрет на историскиот финален натпревар за охридскиот ракомет, кој предизвикува голем интерес кај спортската јавност и навивачите кој ќе се одигра утре.
