Наградуваната претстава „Уна“ на белградскиот театар „Звездара“ со маестралниот Никола Ристановски во главната улога, гостува на фестивалот „Охридско лето“. Претставата е во режија на Дејан Пројковски, а ќе биде изведена на 16 август во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, во 21 часот.
Во „Уна“ од Стеван Копривица, покрај Ристановски, настапуваат и Магдалена Мијатовиќ, Сена Ѓоровиќ и Марко Гверо.
По Охрид, ќе ја види и скопската публика. МНТ на 9 септември ќе биде домаќин на наградуваната претстава „Уна“ на Звездара театар од Белград, во режија на еден Дејан Пројковски, со маестралниот Никола Ристановски во главната улога.
Создадена според драмскиот текст на Стеван Копривица, инспириран од култниот роман на Момо Капор, „Уна“ е современа и длабоко емотивна приказна за љубовта, сеќавањата, минливоста и изборите коишто го обликуваат човековиот живот.
Претставата говори за границите на слободата, личната одговорност и моќта на чувствата. Таа во себе носи силна сценска енергија и исклучителна актерска игра.
Во улогата на професорот Мишел Бабиќ настапува Никола Ристановски, најголемото македонско актерско име, чија интерпретација наиде на исклучителен прием кај публиката и критиката, која му донесе бројни признанија на реномирани регионални фестивали. Покрај него играат Магдалена Мијатовиќ, Сена Ѓоровиќ и Марко Гверо.
Режисерот Дејан Пројковски со години бележи значајни успеси на домашната и меѓународната театарска сцена. Со „Уна“, тој создава интимна, поетична и визуелно впечатлива театарска приказна, во која ја нагласува вредноста на автентичните човечки односи во современиот свет. Уметничката вредност на претставата е потврдена и преку бројни фестивалски признанија.
Никола Ристановски е добитник на наградите „Зоранов брк“ и наградата за најдобро актерско остварување на фестивалот „Денови на Зоран Радмиловиќ“ во Заечар, како и наградите за најдобар актер на Актерските свечености „Миливоје Живановиќ“ во Пожаревац и на фестивалот „Театар фест Петар Кочиќ“ во Бања Лука. Претставата, пак, ја освои наградата од публиката на фестивалот „Денови на Зоран Радмиловиќ“, како и наградите за најдобра претстава и наградата од публиката на Фестивалот „Театар во еден чин“ во Младеновац.
Билетите се достапни преку www.mnt.mk.
